ГДУ: Страшно ќе биде ако од септември пак има онлајн настава, итни се реформи!

Граѓанско демократската унија (ГДУ) ќе се заложи за итни реформи на образовниот систем со цел децата што побрзо да се вратат во школските клупи. Можностите дека и од септември повторно децата ќе се едуцираат преку онлајн настава звучи страшно, не само за родителите, туку и за наставниците кои се свесни дека ниту тие, ниту пак сите деца имаат технички можности од дома да се вклучат во школување од далечина, смета ГДУ.

– Сметаме дека реформите во образованието се наметнуваат со апсолутна итност зашто не смееме како држава да дозволиме да ни се провлече уште една школска година под превезот на божемно учење. Не смееме да уништиме нови генерации поради нефункционалноста на системот. Потребно е подготовка на Национална образовна стратегија и тоа во насока на намалување на бројот на часови во основното и средното образование, следено со намалување на бројот на учениците во една паралелка. Со помали паралелки може да се создадат услови и за воведување на мерките за заштита во училиштата. Уверени сме дека треба да се обезбеди поголема автономија на наставниците во поглед на нивниот индивидуален пристап и реализација на наставата и соодветно зголемување на нивните плати на ниво повисоко од републичкиот просек – вели претседателот на Граѓанско демократската унија Петар Колев.

Според изборната програма на партијата, промени се потребни и во начинот на обука и усовршувањата за наставниците, односно со воведување адекватни обуки според предметите и наставните програми за кои се квалификувани да ги предаваат.

Проф. д-р Горан Рафајловски од Факултетот за електротехника и информациски технологии, кој е член на Управувачкиот комитет на Граѓанско демократска унија, зборува за коренити промени во образовните процеси во Македонија, особено основците и средношколците.

– Потребно е да се создадат услови во текот на основно и средно образование да почне да се работи според дуалниот принцип, што значи учениците не само да ја следат наставата во школските клупи, туку да имаат можност и да работат и за тоа да бидат платени – хонорарно или на одреден период. На тој начин паралелно да се следи фид бекот, или повратната врска што ја има индустријата или услужната дејност или било кои други мали компании за нивните потреби и нивните идни развојни програми да се вклопат и придонесат за едно поуспешно образование. Во однос на високообразовните институции, пак, ние сме носители на проектот финансиран од Министерството за надворешни работи на Германија, „Дијалог Исток-Запад помеѓу високообразовните институции за заеднички вредности и одржлив развој“ – DAAD. И проектот ни овозможува да направиме една алка помеѓу Германија, и од таму да ги земеме искуствата во високошколскиот образовен процес и да ги пресликаме во земјите во Западен Балкан, односно Македонија и Албанија – вели Рафајловски.

Итна „дебирократизација“ на образовниот систем, според ГДУ, може да почне уште следната учебна година со напуштање на застарениот модел на репетитивно знаење и подигнување на квалитетот на учебниците. Партијата предлага и во министерствата да се формираат и работат Научно-истражувачки центри.