Генерал Арсоски ја презема должноста командант на ЗОК

Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, со предавањето на военото знаме на командата меѓу генерал мајор Зоран Милески и бригаден генерал Павле Арсоски во вторникот официјално беше извршено примопредавање на должност командант на Здружената оперативна команда (ЗОК).

Согласно Указите на Претседателот на Република Македонија, бригадниот генерал Павле Арсоски, кој досега ја извршуваше должноста заменик на командант на ЗОК отсега ќе раководи со оваа најголема оперативна команда во АРМ, додека генерал мајор Зоран Милески во понатамошниот период ќе ја превземе должноста директор на Генералштабот на АРМ.

На свеченоста спорд равилото за воен протокол, пред стројот на припадниците на ЗОК и командантите на потчинетите единици со пригодни говори се обратија заменикот на началникот на ГШ на АРМ, досегашниот и новопоставениот командант на ЗОК.

Генералот Нуредин, во своето обраќање на генералот Милески му му оддаде признание за дадениот придонес за оваа команда и му порача своето знаење и искуство да ги вгради на новата позиција во Генералштабот. Честитајќи му ја новата должност на генералот Арсоски, му посака успешно командување со командата во која и досега ја извршуваше должноста заменик на командантот и со поголеми постигнувања да ја потврди укажаната доверба.

Генералот Милески во својот говор изрази благодарност до припадниците на ЗОК за досегашната поддршка и залагање за постигнатите резултати во работата не само преку активностите поврзани со јужната граница туку и со учеството во операциите за поддршка на мирот и меѓународните вежби.

„Сите заедно да продолжиме да ги унапредуваме вредностите врз кои се базира нашата професија и да го надградуваме реномето кое го имаме дома и надвор“, рече новопоставениот командант Арсоски обраќајќи се до припадниците на ЗОК.

Во продолжение истакна дека професионалноста, создавањето подобри услови за работа и подготвеност и справување со сите видови предизвици се прашањата на кои ќе им посвети посебно внимание.

На свеченоста покрај заменик на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, присуствуваа претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, поранешни и команданти на командата, команданти на потчинетите команди и единици и други гости.

ЗОК е најголема команда на оперативно рамниште во АРМ чија мисија е подготвка на конвенционалните копнени и воздухопловни сили на АРМ за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на РМ, со декларираните сили да учествува во операции за поддршка на мирот и превенција од конфликти и справување со регионални конфликти и кризи во операции предводени од НАТО, ООН, ОБСЕ, ЕУ, и други меѓународно договорени сојузи и да придонесува во заштита на пошироките интереси на Република Македонија.