ВИДЕО: Гeнерален штрајк, протести и молотови коктели во Атина

Преку генерален штрајк и протести Грците денеска го искажуваат својот гнев поради новите мерки за штедење што владата на Алексис Ципрас треба да ги споведе во престојниов период, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Најмногу револт се чини дека предизвикуваат најавите за ново кратење на пензиите и кревање на старосната граница за пензионирање, како и зголемувањето на даноците. 24 часовниот штрајк започна рано изутрина, проследен со протести во чии рамки набргу избувнаа и првите нереди, кога поголема група млади граѓани со молотови коктели и камења удрија врз полицијата, околните продавници, автобуските постојки, но и врз зградата на Грчката централна банка. Опожарено беше и едно возило. Полицијата возврати со солзавец.

Протестите се оранизираат непосредно пред најавените средби на претставниците на Тројката во Атина, а своето незадоволство од мерките што треба да се спроведуваат не го крие ниту грчката влада. Според портпарлката Олга Геровасили, тие мора да имплементираат пакет на мерки кои што не се фер.