Генерално собрание на ОН во сенка на светски кризи

29

Заседанието на Генералното собрание на ОН денеска почнува со самит за климатски промени како еден од главните фокуси на најголемиот дипломатски собир, а се очекува во седиштето на Светската организација да доминираат прашања како Иран и трговските судири, пренесе Радио Слободна Европа.

Претставници на повеќе од 190 земји се собираат на најголемата светска дипломатска платформа во сенка на кризи, а во исто време се поставува прашањето за значењето на мултилатералните институции и лидерството на САД на меѓународната сцена, јавуваат светските медиуми.

Генералното собрание на ОН годинава се одржува во време на лансирање ракети од страна на Северна Кореја, тензии меѓу САД и Иран, ескалација на немирите во Кашмир, протестите во Хонгконг и неуспехот на авганистанските мировни преговори, пишува Политико. Сајтот додава дека иако се очекува климатските промени на бидат главна тема на подиумот и вон него, на Генералното собрание, по кулоарите повеќе ќе се разговара за Иран, енергетските прашања и трговските војни.

Според Политико, најпрецизен опис е дека ГС на Он е најважен настан на кој не се одлучува за ништо – политички еквивалент на серијата „Сајнфилд“, која е позната како серија за ништо.

Сајтот укажува дека и годинава ќе изостанат некои од важните светски лидери како што се претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг, премиерите на Канада и Израел, Џастин Трудо и Бенјамин Нетанјаху – двајцата поради претстојни или поминати избори, како и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Ова е година во која остатокот од либералниот поредок се обидува да замисли лидерство без САД, оценува американското списание „Форин полиси“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, објаснува Форин полиси, го заокружи заседанието на Генералното собрание со низа состаноци на високо ниво за климатските промени, универзалната здравствена заштита, ограничување на ширењето на нуклеарното оружје и одржлив развој, што се теми кои не се од преголем интерес за американскиот претседател Доналд Трамп.

На денешниот климатски самит ќе се соберат некои од најистакнатите светски лидери, меѓу кои се германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и индискиот премиер Нарендра Моди. Но на него нема да биде Трамп кој во исто време организира состанок за прогонување на верските малцинства, што е, како што наведува списанието, прашање кое силно одекнува кај христијанската база на Трамп.

Речиси 200 лидери ќе се соберат на најистакнатата светска дипломатска бина заради пет дена говори, стотици состаноци и судири околу климатските промени, Иран и трговијата, истакнува „Њујорк тајмс“ и укажува дека овогодишното заседание се одржува во позадина на кризи – од загревање на планетата преку економска неизвесност до ескалација на судири кои можат понатаму да ги вмешаат САД на нестабилниот Блиски Исток.

Трговските војни, миграцијата, снабдувањето со енергија, климатските промени и искоренувањето на сиромаштијата се основните теми на агендата на Генералното собрание, но акциите на администрацијата на Трамп, кои на моменти изразуваат презир кон меѓународните институции како што е ОН, создадоа заеднички именител, посочува „Њујорк Тајмс“.

Трамп на говорот во вторник ќе биде опкружен со лидери кои размислуваат слично на него, пишува весникот. Пред него ќе говори бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кого понекогаш го нарекуваат мини-Трамп, кој како и американскиот претседател ги отфрла стравувањата од климатските промени и ги исмева критичарите на Твитер.

По Трамп, ќе се појави египетскиот претседател Фатах ел Сиси, симболизирајќи ја репресијата на арапската пролет-револуција, а потоа, посочува „Њујорк Тајмс“, следува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, „автократ кој ги заплашува критичарите и чија влада е лидер во затворањето новинари“.

Официјалните претставници на САД се очекува да презентираат докази на Генералното собрание дека Иран ги извршил нападите врз саудиски нафтени постројки, што Техеран ги негира.

САД се обидуваат да создадат коалиција за заплашување на Иран, иако, како што истакнува Њујорк Тајмс, не е јасно каква форма ќе добие тоа заплашување.

„Њујорк Тајмс“ додава дека министрите за надворешни работи на 18 држави од западната хемисфера, вклучувајќи ги и САД, ќе се состанат в понеделник на разговори за притисокот врз режимот во Венецуела. Собирот најверојатно ќе се обиде да ја убеди Европската унија да ги заостри санкциите кон лојалните на претседателот Николас Мадуро, вклучително и замрзнување на нивните средства во Европа.

Трамп во вторник ќе ја преземе сцената на Генералното собрание на ОН на која ќе објави дека неговата земја е најдобра во светот, но со порастот на дипломатските проблеми, неговото годишно фалење може да звучи празно, јавија западни медиуми.

– Ќе кажам дека САД се најдобрата земја во светот. Никогаш не била помоќна и никогаш не била подобра, и тоа сигурно дека има еден од најголемите претседатели во нашата историја, им рече Трамп на новинарите.

Изјавата на Трамп во говорот минатата година дека тој остварил повеќе од речиси сите администрации во историјата на САД предизвика смеа во салата, потсетуваат француските медиуми.

Трамп ќе го потенцира лидерството на САД и колективниот пристап, изјави висок официјален претставник на администрацијата, додека Вашингтон се обидува да го искористи собирот на светските лидери за да изгради поддршка за Иран и да ја критикува Кина за злоупотреби на човековите права.

Пораката ќе се пренесе во време кога некои дипломати велат дека ослабува американското лидерство во глобалните институции како што расте влијанието на Кина. САД по влегувањето на Трамп во Белата куќа излегоа од Советот за човекови права на ОН, УНЕСКО, како и од договорот за климатските промени, нуклеарниот договор со Иран.

Анонимен претставник на ОН, минатата недела рече: „Иако сите велат дека мултилатерализмот е мртов, иако мултилатерализмот не е многу популарен деновиве, иако земјите се повеќе се изолационисти – сите доаѓаат“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.