Генералното собрание на ОН изгласа осуда на руската анексија во Украина

Генералното собрание на Обединетите нации ноќеска со големо мнозинство го осуди рускиот „обид за нелегална анексија“ на четири делумно окупирани региони во Украина и ги повика сите земји да не го признаат потегот, зајакнувајќи ја дипломатската меѓународна изолација на Москва, јави ДПА.

Одлуката на ГС на ОН не е обврзувачка, но резолуцијата ја прогласи анексијата за неважечка и бара Русија да ги поништи своите потези за присоединување на источните украински региони Донецк, Херсон, Луганск и Запорожје.

Три четвртини од 193-те членки на Генералното собрание, или 143 земји, гласаа за резолуцијата, која исто така ги потврдува суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признаени граници.

„Тоа е неверојатно“, им рече на новинарите амбасадорот на Украина во ОН, Сергиј Кислицја, по гласањето стоејќи до американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, која рече дека резултатот покажал дека Русија не може да го заплаши светот.

Рускиот амбасадор, Василиј Небезнја, пак, пред гласањето изјави дека резолуцијата е „политизирана и отворено провокативна“, додавајќи дека таа „може да ги уништи сите напори во полза на дипломатско решение на кризата“.

Само четири земји ѝ се придружија на Русија во гласањето против резолуцијата: Сирија, Никарагва, Северна Кореја и Белорусија. Триесет и пет земји беа воздржани од гласањето, вклучувајќи го и стратешкиот партнер на Русија – Кина, додека останатите не гласаа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прослави одлуката како историска.

„Светот си кажа – обидот за анексија на Русија е безвреден и никогаш нема да биде признаен од слободните нации“, напиша тој на Твитер.

Американскиот претседател Џо Бајден, пак, кажа дека резултатот од гласањето е порака до Москва дека не може да избрише една суверена држава од картата на светот.

„Влоговите на овој конфликт им се јасни на сите – а светот испрати јасна порака како одговор: Русија не може да избрише суверена држава од мапата. Русија не може да ги менува границите насилно. Русија не може да ја заземе територијата на друга земја како своја“, се наведува во соопштението од Бајден.

Москва минатиот месец прогласи анексија на четири делумно окупирани региони во Украина – Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје – откако во нив организираше референдуми. Украина и нејзините сојузници го осудија гласањето како нелегално и принудно.

Гласањето во Генералното собрание следи откако Москва минатиот месец прогласи анексија на четирите делумно окупирани региони во кои организираше „референдуми“.

На почетокот на месецов, пак, имаше обид за усвојување на слична резолуција во Советот за безбедност кој брои 15 држави членки, но Русија стави вето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.