Географската одредница за мене ќе биде окупаторска држава

Географската одредница за мене ќе биде окупаторска држава Не знам вам, ама мене не ми треба извинување од пратеникот Сафет Бишевац, кој рече дека пола македонски граѓани се без мозок само затоа што не му одат по газот. Јас сум начисто со мојот ум, знам колку имам во главата, без разлика за кого гласам, оти тоа е мое неприкосновено право, како што знам дека секој потпросечен лик во државава може да се крие зад пратенички имунитет и оттаму да навредува и шири сопствени фрустрации. Ама тука немам намера да се занимавам со нашето парламентарно политичко дно.

Германскиот специјален пратеник за Југоисточна Европа, Ернст Рејчел, во улога на портпарол на македонската држава ни кажа дека последниот предлог на Нимиц, „Горна Република Македонија“, бил прифатлив за македонската страна, ама сега се чекала одлуката на Грција. Како го донел овој заклучок Германецот? Па ете, се сретнал со Муса Џафери, Зоран Заев, Али Ахмети и некои таму неидентификувани за јавноста функционери на ВМРО-ДПМНЕ што му потврдиле дека предлогот од Нимиц за нив е прифатлив. Секако, за тоа требало дијалог со грчката страна на која баш и не ѝ се дебатира. Е, ама, плус во предлогот да ти имало добри и лоши моменти што требало да се испеглаат. Со грчката страна, де. Само што на Грците не им е до пеглање. И никој да потврди, отфрли, демантира, реагира. Супер, важно македонскиот народ да се држи во постојана состојба на стрес, паника и страв очекувајќи секој момент утре некој да му залепи нов идентитет. За таа цел имаме разни странски и домашни „специјалци“ што очигледно тестираат терен, пуштаат понекоја шпекулација, ја тераат водата накај својата воденица.

Значи, „Горна Република Македонија“.
Да, да, тоа е истиот тој предлог за кој Али Ахмети зборуваше по светот дека е прифатлив за неговата партија. Јас немам ништо против Ахмети да си ја прекрсти ДУИ во Горна Република Македонија, ама имам проблем кога странци ми го кажуваат она што домашните го молчат. А штом никој ништо не коментира, јас ќе си коментирам, па ај да видиме што е тоа „Горна Република Македонија“.

Во однос на која официјално признаена долна Македонија ќе стануваме горномакедонци? Чиј разумен, ем логичен пример ќе го следиме? Оној на Ирска ли, каде што независната држава Ирска се одвојува со терминот „република“ од територијата (Северна) Ирска што му припаѓа на Кралството Британија? Па таму територијата има географска одредница, а не државата. Ако „Горна Република Македонија“ е прифатлив предлог, како ќе ни се зачува идентитетското опстојување, со некакваси гаранција ли во која ќе пишува „македонски народ“ и „македонски јазик“? Од кого гаранција? Од Обединетите нации, кои имаат двојни аршини при приемот на членки, кои не можат да ги спроведат ни судските пресуди на сопствените судови? Во каков облик ќе бидат тие гаранции, во облик на пусулче ли, документ ли, за кои документи оној генерал на НАТО (му го заборавив името) кажа дека важат само кога ним им одговара и дека во секое време можат да бидат поништени, запалени, исчезнати? Како ќе бидеме сигурни дека по извесно време нема на маса да дојде името на нацијата, откако сами ќе си прифатиме промена на името на државата? Знаеме ли ние што потоа ќе побара Бугарија? Како сме сигурни дека на Грција нема да ѝ текне дека сега и пречи името на Македонски Брод? Од каде сте бе толку сигурни дека со промена на името стопроцентно ќе влеземе во ЕУ? Има ли маж во оваа земја што има мадиња да стави глава на трупец колнејќи се дека Унијата вечно ќе постои? И кога тоа „разговорите за разликите за името“, станаа „преговори за промена на името за кое Грција има проблем“? Оти зошто некој па мора да дојде до заедничко решение ако разговара за некакви разлики? Мене баш ми се допаѓа предлогот на Сервер, Обединетите нации да го баталат посредувањето, оти нема фајде. Веројатно му станало јасно каде е проблемот, пробајте да ве видам стигнете до некаков компромис со некој што поставува ултиматуми и црвени линии.

Јас практично влетав во лудилото на политиката откако станав свесен за безумната тортура што треба да нѐ однесе во идентитетско самоуништување со промената на нашето име и нема да ги заборавам зборовите на амбасадорот Ристо Никовски, кого го сметам за еден од најдобрите познавачи на овој проблем и сите гнасни игри околу него, а кој рече дека не е толкав проблем предлогот што Нимиц го става на маса, туку она што го дава под маса. Е па, ако е прифатлив предлогот „Горна Република Македонија“, ќе чуе ли македонскиот народ каков е остатокот од пакетот што оди под маса? Или ние сме аморфна маса што не заслужува да знае што во нејзино име се крои, како што беше за време на балканските војни и Букурешкиот договор, но и за време на фиромизацијата на Македонија и потпишувањето на онаа погубна Привремена спогодба во која и единствената точка во полза на нашата држава никој жив не ја есапи, иако е потврдена и со судска одлука на меѓународен суд?

Уф, јасно ми е мене дека страните во спорот се договориле целиот процес да се одвива тајно, демек што разбира раја висока политика, ама поради толку тајни политички дубари реки крв течеле низ историјата, цели народи и држави исчезнувале, а богами и многу гранки на дрвјата со политичари биле накитени. Башка ова не се преговори за макљажата од 24 декември и за тоа кој кому прст во око му брцнал, кој цвикал, а кој пцуел, за идентитетот на цел еден народ се работи и за неговото опстојување. Си давам за право да ви кажам во името на цел македонски народ дека доста ни е од тајни. Оние што би прифатиле секаква идентитетска промена за влегување во ЕУ и вои НАТО веќе свесно се откажале од идентитетот поради лижавчето, па не зборувам во нивно име, оти не ги сметам за македонски народ. Ним им одговара „Горна Република Македонија“ сосе пакетот под маса, за кој немаат поим што содржи, ама ним не им е ниту важно.

„Горна Република Македонија“ ерга омнес, оти ништо друго нема да прифати Грција, за мене ќе биде окупаторска држава и така ќе ги усогласам мојот живот и дело, секако дури прекуноќ не ме снема. Но тоа не значи ништо, затоа што како што имало, така и ќе има самосвесни Македонци што нема да се помират со присилното обезличување. Никогаш!