Георгиева предупредува дека пандемијата ќе предизвика глобална рецесија уште годинава

Пандемијата на коронавирус ќе предизвика глобална рецесија во 2020 година која може да биде полоша од онаа што беше видена во текот на финансиската криза во 2008-2009 година, но светското економско производство треба да заздрави во 2021 година, соопшти денеска Меѓународниот монетарен фонд.

Извршната директорка на ММФ Кристалина Георгиева ги поздрави вонредните фискални мерки што веќе ги презедоа многу земји за засилување на здравствените системи и заштитата на погодените компании и работници, како и чекорите на централните банки за олеснување на монетарната политика, пренсоа британските медиуми.

„Ќе биде потребно уште повеќе напор, посебно на фискален план“, истакна Георгиева.

Појасни дека ММФ значително ќе го засили итното финансирање, напоменувајќи дека 80 земји веќе побарале помош од фондот.