Георгиевски: Со пропагандистичко-нормативно санкционирање на лажните вести не се постигнува многу

Најавата на формирање на владино тело кое ќе ги проверува вестите на медиумите, предизвика бројни реакции во јавноста, а сомнежите одеа до таму што ваквата најава беше протолкувана и како вовед во цензура на медиумите. Бидејќи, кој и зошто ќе решава кои вести ќе бидат означени како лажни и дезинформации?

Владата вчера најави решителна борба против лажните вести и „напади врз демократијата“ како што во својот вовед објасни премиерот Зоран Заев.
Според објаснувањето, ќе се формира Акциска група која ќе ги анализира и следи лажните вести, ќе ги „проверува“ интернет порталите, односно со легислатива ќе ја зајакнува националната безбедност и сигурност.

Најавата на формирање на владино тело кое ќе ги проверува вестите на медиумите, предизвика бројни реакции во јавноста, а сомнежите одеа до таму што ваквата најава беше протолкувана и како вовед во цензура на медиумите. Бидејќи, кој и зошто ќе решава кои вести ќе бидат означени како лажни и дезинформации?

Дали можеби тоа тело, во заштита на владините политики, ќе ги третира и критиките кон активностите на власта како лажни вести? И секако, во овој владин проект, ќе влезат и странски пари со кои треба да се издигнува медиумската писменост. Нова можност за корупција на медиумите…

Од сето ова се поставува и едно друго прашање – Кој ќе и’ дава црвен картон на  Владата во ширењето на лажни вести од изјавите на нејзините функционери, кои едноставно медиумите само ги пренесуваат? За изјави од типот добивме датум за преговори и бројни други кои важат, па не важат…

Во очекување на официјален став од новинарските здруженија ЗНМ и МАН за најавениот Акциски план, Ѕвездан Георгиевски од новинарскиот синдикат ССНМ, дава поддршка на овој чекор на владата, но се сомнева дека тој ќе биде навистина ефикасен.

„Прашањето на лажните вести не е само политичко прашање и прашање на демократскиот капацитет на една земја, туку првенствено е прашање на медиумската писменост. Медиумската писменост, пак, е дел од општата писменост, која, знаеме, не е на некое особено ниво во земјата. Медиумската писменост зависи од квалитетот на медиумите, односно квалитетот на новинарските и уредничките кадри. Не верувам дека со најавеното пропагандистичко-нормативно санкционирање на лажните вести може многу да се постигне. Конечно, и многу поразвиени земји од нашата не успеале премногу во оваа битка. Значи, неопходни се суштински реформи во медиумската сфера, со кои ќе се обезбеди опстанокот на квалитетните медиуми, кои ќе бидат гаранција за точна и правовремена информација“, вели Георгиевски.

Новинарот Ивор Мицковски на својт Фејсбук профил, вели дека власта со ова има намера само лови вештерки, бидејќинема никакви други детали или барем обид да се биде внимателен кога се зборува за регулирање или контролирање на вести или информации.

„Лажни вести имало и ќе има, тие подобро се победуваат на ниво на свест, со добро работење, отколку со некакви владини тела кои ќе следат и ќе одлучуваат што е вистина, а што не.  Премногу пати сте фатени во лага, па стратегијата денес ви е и мислењата и критиките да ги сместувате во фејк њуз, па потоа да водите ботовски хајки. Понатаму, најголемите дезинформации излегуваат од влада која лошо комуницира, или која ги изневерила ветувањата за правда и праведност.
Така да, вие не средивте многу поважни работи, правите самите утки во информирање, имате огромни скандали на глава, се покажавте колку сте објективни и транспарентни со еден рекетарски медиум, и на се тоа, гледате решение во лов на вештерки. Се ова личи на еден голем дефокус, средете се вие ако можете, па ќе регулирате и ќе кажувате што е реално, а што не“, напиша Мицковски.

И новинарот Бранко Героски, во колумна насловена: „А кој ќе одлучува дали „нападите врз демократијата“ се вистински или лажни?“ предупредува дека постои опасност ова тело да стане цензор. Според него решението на проблемот со лажните вести е развивање на свесноста за одговорноста за јавно изречениот збор, а не формирањето некаква акциска група, во која ќе доминираат претставници на Владата.