Герасимовски: Се отстрануваат 40.000 квадрати опасен азбест од напуштената фабрика „Треска“

Започна да се чисти депонијата во напуштената фабрика „Треска“, во општина Центар. Четириесет илјади метри квадратни опасен азбестен кров останат во напуштениот индустриски капацитет почна да се отстранува под посебен надзор, како не би дошло до загадување на животната средина. Активностите за чистењето на „Треска“ денеска ги најави градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

„Пред пет месеци по пожарот кој зафати дел од овој простор зад себе остави руинирани и запуштени објекти налик на оние во „Чернобил“ и тоа беше уште еден аларм дека земјиштето мора итно да се расчисти. На територијата на „Треска“ има околу 40.000 метри квадратни азбестен кров, кој исто така беше зафатен во пожарот. Уште тогаш кажав дека час поскоро, напуштениот индустриски капацитет треба да се расчисти. Моменталната состојба освен што преставува извор на зараза за жителите кои живеат во околината, претставува и нелегална депонија во срцето на општината и градот“, рече Герасимовски.

Градоначалникот на централната скопска општина притоа посочи дека за чистењето на теренот, постапките почнале од почетокот на август, бидејќи се раководеле по Обвинителството, кое ги утврдува причините за пожарот кој настана во кругот на напуштената фабрика.

„Веднаш штом Обвинителството ни дозволи активности на терен, започнавме процес и законски процедури за расчистување на објектите на напуштената фабрика. До овој момент во Општина Центар пристигнати се 36 барања за издавање на решенија за отстранување на објекти, од кои до сега одобрени се 13“, истакна Герасимовски.

Отстранувањето на објектите и чистењето на целиот простор ќе го вршат самите сопственици, како што налага законот. Тие претходно до општината доставиле барања за отстранување на објектите и начинот како ќе бидат истите отстранети. За чистењето на просторот, сопствениците на објектите ангажирале и приватна компанија за надзор која ќе дава логистика за безбедно отстранување на азбестот, шутот и ѓубрето настанато пред и после пожарот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.