ГЕРБ бара оставки од ресорните министри за автобуската несреќа

ГЕРБ го повика претседателот Румен Радев да побара оставка од ресорните министри во преодниот кабинет, како одговорни за несреќата со македонскиот автобус на автопатот Струма.

Десислава Атанасова и Александар Иванов од ГЕРБ на брифинг во партискиот штаб што го пренесуваат бугарските медиуми, изразија сочувство до роднините на загинатите и најавија дека за време на нивните влади биле подготвени планови за поправка на кобната делница и други поправки на автопатот, но тие не биле исполнети од следните влади.

„На овој страшен ден, сметаме дека сите обиди за политички инсинуации и сугестии се непотребни, а изјавите дека причината за несреќата била патот или друг дел од трасата, искажани од градоначалникот на Перник и привремените министри, се длабоко погрешни“, рече Атанасова, која апелираше до сите политичари да сфатат дека изборите се завршени, а меѓусебните обвинувања нема да ги вратат изгубените животи.

Таа побара чесна, објективна и транспарентна истрага и да се понесе одговорност.

„Фактите се најважни кога се бара одговорност“, рече Атанасова, по што Александар Иванов говореше за деталите.

Делницата на автопатот Струма каде што се случи трагедијата е изградена во 2002-2004 година во времето на министрите за регионален развој и јавни работи Костадин Паскалев и Асен Гагаузов, според барањата на тогашната законска регулатива. Нормите се ажурирани пред две години по германски модел, а делницата е проектирана по советски тип и норми, посочи Иванов.

Тој објасни дека во современите прописи нема косини повеќе од 6 степени и свртувања, и ако автопатот би се градел сега, тој не би бил по стандардите по кои е изграден тогаш.

„Сега автопатот не би се градел вака, тоа се прави на косината на спротивната лента. На оваа делница работиме од 2020 година и зајакнавме не едно, туку две свлечишта“,рече тој.

Од ГЕРБ сметаат дека заштитните огради на „Хемус“, „Тракија“, „Струма“ се во страшна состојба, како и мерното обележување, нема поправки, а паркинзите за „Струма“ се затворени 5 месеци поради неможност за чистење.

Атанасова е децидна дека ресорната привремена министерка Виолета Комитова не ги исполнила задачите од последните седум месеци раководење и мора да преземе одговорност за управувањето со Министерството за регионален развој и јавни работи, Агенцијата за патна инфраструктура – РИА и Автомагистрали АД.

Иванов додаде и дека РИА во 2020 година подготвила задачи за одржување и обележување на патиштата, кои требало да бидат завршени во пролет и лето, но тоа не е направено.

„Се очекува Радев да преземе мерки и да побара оставки од надлежните министри“, додаде Атанасова.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.