Герберих: Сите зборуваат за „бомби“, но кога тие ќе експлодираат не се толку силни за да постои страв од нив

Се надевам дека изборната кампања ќе има содржини, а не само меѓусебни партиски обвинувања, порача денеска германскиот амбасадор Томас Герберих во интервју за „Слободен печат“ и додава кампањата не би ја нарекол валкана, туку премалку ориентирана кон суштината.

– Секоја страна ја посочува другата како криминална, се зборува за „бомби“, но кога тие ќе експлодираат, не се толку силни за да мора да постои страв од нив. Би било важно за гласачите да знаат каква програма имаат партиите, во која насока сакаат да ја водат земјата во иднина, во интерес на граѓаните, на земјата. Кога тоа би се случило, мислам дека многу повеќе гласачи би излегле на изборите, вели Герберих, кој додава дека  подобро ќе беше изборите да беа регуларни, наместо предвремени, бидејќи тоа е одреден фактор на стабилност.

Во врска со Законот за Јавно обвинителство, Герберих вели дека начелно нови закони не носат повеќе правда, туку шансите за зголемена правда и борба против корупцијата зависат од разумното имплементирање на законите.

– Законот за Јавно обвинителство од некои земји членки на ЕУ беше поставен како предуслов за започнување пристапни преговори, во областа на реформите во правосудството и добро е што овој закон се изгласа, но самиот тој нема да користи ако не се имплементира разумно. Тоа за мене значи дека случаите што ги започна или со кои се занимаваше СЈО, ќе бидат продолжени од регуларното ЈО и ќе имаат разумен крај, разумен резултат и дека луѓето што погрешиле, конечно ќе бидат казнети. Тоа мора да биде јасен сигнал до граѓаните дека политичарите се сериозни во однос на ова, нагласи Герберих.

Во врска со забелешките на опозицијата дека со новиот закон се обезбедува амнестија за политичарите од актуелната власт, Герберих вели дека ако вистински се имплементира овој закон, тогаш тоа не може да се случи.

– Обвинувањата меѓу двете партии поаѓаат од ситуација дека политиката се меша во правосудството. Токму тоа е поентата, тоа треба да се смени со Законот. Ќе зависи од тоа дали навистина ќе се етаблира независно правосудство, што е вистинскиот предуслов за прием во ЕУ. Кога има независно судство, сѐ функционира и не е потребно политичарите да се мешаат и да велат дека законот се користи од политичарите. Токму тоа не смее да се случи. Тоа е застарен начин на мислење и мора да исчезне. Тоа е предуслов за почнување на пристапни преговори, додава германскиот амбасадор.

На прашањето дали Германија и натаму е на ставот Македонија и Албанија да не се разделат во одлуката за преговори со ЕУ, Герберих нагласува дека би било пожелно кога со двете земји би можело да се започнат пристапни преговори.

– Бидејќи од геостратешки аспект и за целиот регион, според мене, е подобро кога двете земји би можеле да пристапат. Колку повеќе земји ги исполнуваат предусловите за прием во ЕУ, толку подобро за целиот регион. Но, од друга страна, не треба една држава да заостане поради кусок на напредок во друга. Сега ќе зависи од тоа, Европскиот совет да најде прифатливо решение за двете држави. И јас сум оптимист дека ќе се најде вакво решение, дека може да се постигне, додава тој.

Во врска со реакциите на земјите-членки околу новата методологија и колкави се шансите датумот да се добие во март, Геберих изјави дека нема конечна информација, но додаде дека разговорите во ЕУ одат во добра насока.

– Методологијата е прифатена од сите земји-членки и задоволна е и француската страна, така што можеме да се придвижиме натаму. Патот е слободен за можно брзо почнување преговори со земјата. Јас сум оптимист дека во март би можело да функционира тоа ако сите се согласни. Ние го поддржуваме тоа, додаде Герберих.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.