„Гересхајмер“ отвара втора фабрика во ТИРЗ Скопје, нови 180 вработувања

Германската компанија „Гересхајмер“ почнува втора инвестиција во технолошко-индустриската развојна зона 2 во Скопје. Станува збор за изградба на втора фабрика за специјализирани производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини.

Со ова, висината на инвестицијата ќе достигне над 126 милиони евра, што, според премиерот Димитар Ковачевски претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на ТИРЗ зоните во државата.

-Пред околу четири години од „Гересхајмер“ направија смел чекор, инвестирајќи во изградба на фабрика за медицинска пластика, токму овде во ТИРЗ во Скопје. Нашата држава беше избрана како дестинација на „Гересхајмер“, кој веќе ги постави темелите на својата втора фабрика во Југоисточна Европа во оваа технолошка зона, во време кога целиот свет се соочуваше со едно од најголемите кризи на последните столетија поради корона кризата, рече Ковачевски во обраќањето по повод новата инвестиција.

Според премиерот, инвестицијата на „Гересхајмер“ е вистинска одлука во вистинско време. До ден денес, рече Ковачевски, „Гересхајмер“ остана најголемиот закупец и најголемиот поединечен инвеститор во ТИРЗ во Северна Македонија и најголем инвеститор во ТИРЗ зоните по висина на инвестиции.

-Тука во ТИРЗ Скопје 2 се реализира првиот проект за производство на технолошки продукти за фармацевската индустрија на „Гересхајмер“ и во првата фаза минатата година, тие ја проширија инвстицијата од првичните 35 милиони евра на 65 милиони евра. Тука веќе се вработени 100 наши сограѓани. Со изградба на втората фабрика за специјализирани производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини, инвестицијата ќе достигне над 126 милиони евра. Ова значи вработување на дополнителни 180 нови работници од нашата држава, рече Ковачевски.

Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски посочи дека двете фази на компанијата достигнуваат инвестиција која е нешто помала од 200 милиони евра.

– И покрај тоа што сме мали, може да дадеме сериозен предизвик во глобалните предизвици. Имаме инвестиција во дејност која е сосема различна од она што го наследивме, а тоа е фармација, дејност на 21 век. Тоа е разлика и тоа е сериозен исчекор напред, рече Деспотовски.

Заменик амбасадорот на Германија во земјава, Ото Граф во обраќањето посочи дека за двете држави – Германија и Северна Македонија производството е важен дел од животот и затоа смета дека е сосема природен избор германска компанија да дојде во Северна Македонија.