Герила акција на ВМРО-ДПМНЕ: ,„Бегај бе таму, хеј сус“- со вакви транспаренти беше пречекан Талат Џафери во Собранието

Пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието истакнаа транспарент на кој пишуваше „Бегај бе таму, хеј сус“ алудирајќи на аудио снимката која се појави пред неколку дена, а на која се слуша гласот на спикерот на Собранието Талат Џафери, како вика и ги пцуе луѓето вработени во собраниските служби.

– Поминаа повеќе од десет дена, а претседателот на Собранието Талат Џафери, не само што не се извини за неговото безобразно однесување спрема вработените во собраниската служба, туку се однесува како ништо да не се случило. Крајно е недозволиво токму од човекот кој прв го потпишал етичкиот кодекс за однесување во Собранието, најгрубо да го крши и да бега од одговорност и заедно со пратениците од власта да пробуваат на секаков можен начин да го скријат „под тепих“ овој скандал. Џафери најмалку што можеше да направи е да се извини за ваквото однесување и да си поднесе оставка од функцијата Претседател на Собранието, порача Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.