Германци, штедете гас, залихи има до крајот на летото, алармира државната мрежна агенција

Германската мрежна агенција во вторникот апелираше до граѓаните да штедат гас бидејќи во спротивно ќе се соочат со ограничувања, не само во индустрискиот, туку и во приватниот сектор како и намалување на испораката на гас за едночлените домаќинства, додавајќи дека сегашните залихи може да бидат доволни само до крајот на летото или рана есен.
„Мислам дека неограничените испораки на приватниот сектор нема да бидат оправдани во случај на вонредно снабдување со гас“, изјави за Die Zeit, Клаус Мулер, директор на Федералната агенција за мрежа.
Тој конкретно ги спомна „големите станови во кои живее само едно лице“ како и користењето сауни.
И покрај европските упатства за специјална заштита на приватните домаќинства, болниците и топланите со гас во случај на недостиг, Мулер рече дека има ситуации во кои не би било можно да се заштити приватниот сектор.
„Доколку војната во Украина ескалира и владата воведе алармантна ситуација, тогаш ќе дојде време за ограничувања во приватниот сектор“, рече Мулер.
Тој рече дека во случај на итност треба да се утврди кои индустриски сектори треба да бидат заштитени, а истовремено ги издвои прехранбената и фармацевтската индустрија.
Според него, вонредната ситуација со снабдувањето со гас може да се избегне само со намалена потрошувачка, зголемен увоз од други извори и полнење резервоари. „Ако не успееме, моментално во резервоарите има само гас до крајот на летото или почетокот на есента“, рече Мулер.
Федералната мрежна агенција со седиште во Бон е висока државна канцеларија чија задача е одржување и поттикнување на т.н. мрежни пазари, вклучително и дистрибуција на електрична енергија и гас.
Од почетокот на војната во Украина, Германија напорно работи на намалување на зависноста од рускиот гас. Првиот германски терминал за течен гас треба да биде готов до крајот на годинава.