Германците го избраа најбројниот во историјата парламент, познат новиот распоред во Бундестагот

Новиот состав на германскиот парламент ќе биде најголем досега со 735 пратеници од шест партии, објави во понеделникот централната изборна комисија по пребројувањето на резултатите од сите изборни единици.

Претходниот состав на Бундестагот броеше 709 пратеници, со што дваесеттиот повоен состав на Бундестагот е и најголемиот досега. Бројот на пратениците, исто така, е во постојан раст. Минимално во Бундестагот може да има 598 пратеници, но нивната бројка расте благодарејќи на комплицираниот изборен систем и ткн вишок мандати настанува кога во една изборна единици кандидатот на партија ќе добие повеќе директни гласови отколку партијата од којашто е предложен.

Најголемата парламентарна група ќе ја формира победничката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) со 206, па следува конзервативната унија на Христијанско-демократска унија (CDU) и баварската Христијанско-социјална унија (CSU) кои ќе добијат 196 мандати. Трета е коалицијата „Сојуз90/Зелени“ (Bündnis 90/Die Grünen) којашто ќе има 118 пратеници, Либерал-демократската партија на Германија (FDP) ќе има 92 мандати, а десната Алтернатива за Германија (AfD) освоила 83 мандати.

Радикалната левичарска партија Левица (Die Lienke) не го надмина изборниот праг од 5 отсто, но доби три директни мандата, и во согласност со изборниот закон доби право да формира пратеничка група, кои соодветствуваат на 4,9 места во парламентот, односно 39 пратеници.

Покрај тоа, во Бундестагот пратенички мандат освои и малата локална партија Коалиција на гласачи во Јужен Шлезвиг, и нема да може да формира пратеничка група.

Според тоа, за формирање парламентарно мнозинство се потрребни 368 пратеници. Но имајќи предвиде дека ниедна од големите партии немаат јасно мнозинство, а и двете не се волни да ја повторат својата непријатна „голема коалиција“ од последните четири години, најверојатно исходот е тристрана коалиција која ќе ја водат социјалдемократите или демохристијаните. Преговорите за новата владејачка коалиција би можеле да траат со месеци, а веројатно ќе ги вклучува и помалите партии на зелените и на либералдемократите.

Хипотетички коалицијата може да ја формираат веднаш SPD и Унијата CDU/CSU кои би имале заедно 402 пратеници. Следи поверојатната варијанта на коалицирање на SPD со зелените и либералдемократите кои би обезбедиле 426 пратеници или, пак, сојуз на споменатите две помали партии со Унијата CDU/CSU кој би имал поддршка од 406 гласови.

Обединување на сите леви парти, кое теоретски може да му даде маневарски простор на SPD во преговори за коалиција, е практично невозможно. Во прв ред поради големи несогласувања околу надворешнополитичките прашања, а второ затоа што таквата коалиција обезбедува само 363 пратеници и може да биде пресудна само во неверојатен исход, кога ниту еден од кандидатите за канцелар нема да може да добие мнозинство. Досега не се случил таков преседан во историјата на Германија.

Во новиот парламент SPD ќе добе 56 мандати повеќе отколку по изборите во 2017 година кога имаа поддршка од 20,5 отсто, а во меѓувреме дури за 10-процентни поени ја подобри поддршката која ја имаше летово. Унијата CDU/CSU загуби 49 мандати, а Зелените првпат ќе бидат застапени со значителна пратеничка група, зголемувајќи се за 51 мандат.

Либералдемократите добија 12 дополнителни манадите во споредба со претходниот 19-ти состав на Бундестагот, додека AfD загуби четири пратеници, а Левица 20 мандати.

Растот на SPD најавува свртување в лево за Германија. Кандидатот за канцелар на социјалдемократите, 63-годишниот Олаф Шолц би станал четвртиот повоен канцелар од редовите на најстарата германска партија по Вили Брант, Хемлут Шмит и Герхард Шредер.

Неговиот главен конкурент од редовите на демохристијаните, 60-годишниот Армин Лашет сигнализираше дека не е подготвен да го признае поразот, откако либералдемократите најавија дека повеќе би сакале да коалицираат со Унијата CDU/CSU.

„Канцеларот не секогаш го даваше првопласираната партија. Сакам влада во којашто ќе бидат вклучени сите партнери, каде сите се видливи, а не таква во којашто само канцеларот ќе блесне“, рече Лашет во првиот обид да ги придобие помалите партии.

Хелмут Шмит владееше кон крајот на 1970-те и почетокот од 1980-те години во коалицијата со FDP, иако неговите социјалдемократи имаа помалку пратенички места од конзервативниот блок.