Побарувачката по готовина пораснала во Германија во минатата пандемиска 2020 година, и покрај широката лепеза можности за плаќања, покажува истражувањето на германската централна банка Bundesbank.
Вкупната вредност на изадедените банкноти во 2020-та пораснала за 9,5 отсто, според известувањето на Bundesbank објавено во неделата. Се забележува и дека побарувачката силно скокнала на почетокот од пандемијата ланскиот март.
„Претпоставувам дека луѓето во пандемијата трупале готовина затоа што ги мачела неизвесноста, но и затоа што немале можност да ги трошат парите“, изјави претседателот на управниот одбор на Bundesbank, Јоханес Беерман.
Пандмијата на коронавирусот предизвика голема неизвесност, истакна Беерман.
„Сѐ уште не е можно да се процени кога и како тој тренд ќе се нормализира во услови на падот на бројот на случаите на заразата и ублажувањето на ограничувањата. Забележуваме дека во филијалите на банките повторно растат готовинските депозити и дека луѓето повторно сѐ повеќе подигнуваат пари“, истакнува челникот на Bundesbank.
Германската централна банка проценува дека 40 отсто од побарувачката ја генерира желбата на граѓаните готовината да ја држат дома, како можна причина за растот го наведуваат и обидот на граѓаните да ги избегнат негативните каматни стапки на штедењето.
Комерцијалните банки во еврозоната плаќаат негативни каматни стапки од 0,5 отсто на депозитите кај Европската централна банка (ECB) и многумина меѓу нив засилено го префрлуваат тој трошок не само на компаниите, туку и на граѓаните.
Истражувањето на институтот EHI покажало дека Германците во 2020 година ги промениле модусите за плаќање.
„Кризата го забрзала падот на продажбите со готовински плаќања во стационарната малопродажба за најмалку три години. Добитници во кризата недвосмислено беа картичките и интернетското работење коешто значително пораснало“, соопшти авторот на студијата на институт Хорст Ројтер.
Од Bundesbank, пак, истакнуваат дека Германците сѐ уште попрво плаќаат со готовина чиј удел во транскациите изнесува 60 отсто, а така би требало да остане и крајот на пандемијата и во догледна иднина.