Германец кој извикувал „Хајл Хитлер“, осуден е на пет години затвор

Обвинетиот кој претходно е прогласен за виновен за испраќање електронска пошта на десничарски екстремисти до јавни личности во Германија, денеска судот во Франкфурт го осуди на затворска казна од пет години и 10 месеци.

Многу од 116-те испратени пораки биле означени дека доаѓаат од „NSU 2.0“, ознака за националсоцијалистичкото подземје, десничарска терористичка група која што била разоткриена пред околу 10 години.

Осудениот 54-годишник од Берлин бил уапсен во својот стан во германската престолнина во мај минатата година.

Судот денеска го прогласи за виновен за јавно поттикнување на кривични дела, поттикнување омраза, нарушување на јавниот ред и мир, употреба на противуставни симболи, закани, напад врз извршител и навреда.

Тој се бранел и побарал ослободителна пресуда. Тврдел дека заканите пронајдени на неговиот компјутер биле од група за разговор на темната мрежа и никогаш не требало да се сфатат сериозно. „Проектот NSU 2.0 беше само тролање на високо ниво“, тврдел обвинетиот.

Неговите заканувачки писма биле испратени помеѓу август 2018 и март 2021 година преку е-пошта, факс или СМС. Авторот редовно го користел нацистичкиот поздрав „Хајл Хитлер“ и се нарекувал себеси „SS-Obersturmbannfuehrer“, припишувајќи си паравоен чин од поранешната нацистичка партија.

Примателите биле физички и јавни лица, владини и други државни институции. Писмата содржеле вербални навреди или груби клевети насочени кон лица со турско потекло.