Германец во Швајцарија возел 249 км на час, му се заканува затвор

Германски државјанин е приведен во Швајцарија откако возел со 249 километри на час на место каде што дозволената брзина е 120 км/х, па сега покрај паричната казна и одземање на возачката дозвола му се заканува и затворска казна.

Триесет и четиригодишниот Германец, кој живее во близина на Базел, во неделата на автопатот А7 во близина на Боденското езеро возел со споменатата брзина, иако на таа делница дозволената брзина е речиси двојно помала.

Полицијата на германскиот државјанин на самото место му ја одземала возачката дозвола и му го запленила автомобилот, а него го ставила во притвор. Пребрзото возење во Швајцарија се третира како кривично дело а не како прекршок, а предвидени се затворски казни во траење од една до четири години.

Во Швајцарија и висината на паричната казна зависи од приходите на сторителот. Во 2014 година германски државјанин е фатен при брзина од 200 километри на час во тунелот Готард, по што е осуден на 30 месеци затвор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.