Стуџински целната линија на 30-километарската патека кај Градското пристаниште во Охрид ја мина за 5:15.14 часа, како најдобар во завршницата меѓу седумте пливачи кои во група влегоа во самиот финиш на трката.
Втор на целта со само една секунда задоцнување доплива нашиот маратонец Евгениј Поп-Ацев (5:15:15), пред третопласираниот Гиљермо Бертола од Аргентина (5:15:16).
Најдобра во женска конкуренција е италијанската маратонка Барбара Позобон, со извонредно остварено време од 5:15:51 часа.
Евгениј Поп-Ацев со денешното второ место обезбедува 11 бода, така што со веќе освоените 25 на двете претходни трки во Аргентина и Канада има вкупно 36. Со тоа тој е најдобар во генерален пласман на Гран-при серијата маратонски трки на ФИНА пред завршната последна трка Капри-Неапол што е на распоредот на 3 септември.