Германија ја тужи Италија за отштета за злосторства од Втората светска војна

Германија поднесе тужба до Меѓународниот суд на правда против Италија бидејќи Рим продолжува да им дозволува на жртвите на нацистичките воени злосторства да поднесуваат барања за отштета, и покрај претходната судска одлука дека тие барања го прекршуваат меѓународното право.
Во германската апликација, која беше објавена на веб-страницата на судот, се наведува дека Италија сè уште дозволува поднесување барања пред нејзините судови, иако Берлин има право на имунитет според меѓународното право.

Германија наведува дека од пресудата во 2012 година, имало повеќе од 25 нови барања за отштета поднесени во Италија против германската држава за злосторства извршени од нацистите за време на Втората светска војна. Во многу случаи, судовите и наложија на Германија да плати отштета.

Италијанските судови во два случаја се обидуваат да запленат имот во Рим кој и припаѓа на Германија.

Германија објави дека поднела барање до Меѓународниот суд на правдата бидејќи италијанскиот суд соопшти дека до 25 мај ќе одлучи дали насилно ќе ги продава зградите во кои се сместени германски археолошки, историски, образовни и културни институции.

Берлин побара од Меѓународниот суд на правдата да воведе привремена мерка и да обезбеди Италија да не ги продава овие објекти на јавно наддавање додека се разгледува поширок случај на отштета, пишува Срна.