Германија ја врати Македонија на листата земји со висок ризик од ковид-19

72

Германија ја врати Северна Македонија на листата на високоризични земји, па од недела ќе биде потешко да се влезе во таа земја, односно невакцинираните и лицата кои не прележале ковид-19 ќе мора да бидат ставени во карантин.

Покрај земјава, на листата на држави со поголем ризик од зараза се вратени Србија, Босна и Херцеговина и земјите од ЕУ, како Франција, Австрија, Летонија, Бугарија и други земји од повеќе делови на светот.

Што се однесува до нашиот регион, Хрватска од 24 октомври минатата година е на листата на високоризични земји, Црна Гора од 15 август, а Словенија од 26 септември.

Враќањето на листата на високоризични земји особено ги погодува патниците кои не се вакцинирани.

Од недела, сите патници кои сакаат да влезат во Германија ќе треба да се пријават електронски, а мора да имаат потврда за вакцинација или за прележан ковид или негативен тест за коронавирус.

Вакцинираните и излекуваните лица не мора да одат во задолжителниот 10-дневен карантин.

Лицата кои не биле заразени со ковид и не се вакцинирани може да бидат ослободени од изолација најрано на петтиот ден со тестирање за ковид-19.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.