Германија е сѐ помалку привлечна за стручњаците и претприемачите

Германија станува сѐ помалку атрактивна за странските стручњаци и претприемачи, произлегува од истражувањето спроведена од фондацијата Bertelsmann и Организацијата за економска соработка и развој (OECD) објавено во четвртокот.

„На листата од 38 земји членки на OECD, Германија последните годни падна од 12-то на 15-то место според атрактивноста за странските експерти и претприемачи кои имаат намера да покренат старт-ап компании“, се наведува во заклучокот на фондацијата Bertelsmann.

Како причина за тоа се наведуваат проблемите со дигитализацијата, премногу бавното издавање визи и високите пречки за стекнување со германско државјанство, а со тоа и долгорочните перспективи за останување во земјата. Во студијата, исто така, се наведува и „нискиот степен на прифаќање на странците“ во Германија.

„На Германија за обезбедување благосостојба ѝ се потребни странски стручњаци, а меѓународното споредување покажува што сѐ Германија мора да стори за да ги привлече таквите стручњаци“, изјави во текот на претставување на студијата во Берлин, директорот на фондацијата Ралф Хек.

Во студијата Германија е оценета добро само кога станува збор за атрактивноста за странските студенти. Германија според тоа се наоѓа на второто место, зад САД, а како предност се наведуваат квалитетните универзитети, како и трошоците за студирањето.

Сојузната влада во Берлин подготвува реформа на законот за доселување, кои би требало Германија да ја направи попривлечна за странската работна сила. Според моменталните податоци на Сојузното биро за вработување, моментално има околу 1,8 милиони непополнети работни места во Германија.