Германија е во демографска промена и има потреба од масовна миграција, тврди експерт

Херберт Брекер, експерт за миграциски прашања, признава дека Германија минува низ брза демографска промена, велејќи дека на земјата ѝ требаат повеќе мигранти за да ја неутрализира остарената работна сила, пренесува француски „Експрес“.

Брекер, кој работи во Институтот за истражување на пазарот на трудот (ИАБ), рече: „Ние сме среде демографска промена бидејќи германската работна сила се намали за 340.000 луѓе бидејќи многумина заминаа во пензија во 2019 година“.

Според Брекер, само масовната миграција може да го реши недостигот од работна сила во Германија. Тој ја пофали интеграцијата на мигрантите кои дојдоа во земјата во екот на мигрантската криза во 2015 година.

Се верува дека околу половина од повеќе од милион мигранти кои дошле во Германија за време на мигрантската криза имаат одредена форма на работа. Мигрантите главно нашле работа во рестораните, обезбедувањето и во домовите за пензионери.

Сличен тренд е забележан и во Шведска, која исто така прими голема група мигранти во однос на нејзиното население за време на мигрантската криза.

Но, разликите во јазиците станаа проблем во некои домови за пензионери во северозападна Европа, при што во јули излезе вест дека еден пензионер останал гладен бидејќи никој од персоналот што работел во тоа време не зборувал шведски.

Берлинскиот Економскиот институт (DIW) исто така објави студија за учеството на мигрантите на пазарот на трудот и забележа некои позитивни страни, но објави и дека нискоквалификуваните работници сè уште имаат потешкотии на германскиот пазар на трудот, заедно со жените мигранти.

Новите извештаи се спротивни на претходните извештаи, како што е студијата од 2019 година на германската Федерална канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ), според која 65 отсто од барателите на азил се невработени. Студијата исто така истакна дека од оние кои успеале да најдат вработување, најмалку 20 отсто работеле со кус ангажман, а не со полно работно време.

Други студии, како студијата од 2018 година од експерти на Универзитетот во Базел, тврдат дека масовната миграција може да има краткорочни економски придобивки, но скапо ќе ги чини даночните обврзници на Запад на долг рок.

Другите европски нации заземаат поинаков пристап кон стареењето на популацијата. Додека Германија спроведува политика за замена на пензионираните работници со увезени мигранти, Унгарија, на пример, одлучи да ги поттикнува семејствата да имаат деца.

Политиката веќе даде плод – како што објави „Брејтбарт“ во август, наталитетот во Унгарија веќе е зголемен за пет отсто во 2020 година откако владата покрена голем број нови иницијативи за поддршка на традиционалните семејства, вклучувајќи големи заеми за млади брачни парови кои им се отпишуваат штом парот го добие своето трето дете.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.