Германија ги ограничува приватните собири, а и ќе казнува за неносење маски

Германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на сојузните држави на средба во Берлин го договорија планот на германската влада за координирање и заострување на мерките за борба против ширењето на корона вирусот.

Договорените мерки вклучуваат ограничување на максималниот број лица на приватни забави во приватни простории на 25. На приватни настани надвор од приватните простори, т.е. во изнајмени простории, бројот на учесници може да се искачи на 50.

„За жал, во последните неколку недели се покажа дека заразата се шири на прослави со семејството или пријателите“, се наведува во предложениот заклучок на состанокот.

И на дозволените приватни настани, неопходно е да се почитуваат мерките како што е одржување на растојание од најмалку 1,5 метри.

Истовремено, масовните настани на отворено или затворено се забранети до крајот на годината. Ова се однесува на „народни прослави, големи спортски настани, концерти, фестивали, како и црковни прослави“.

На состанокот е договорена единствена минимална казна од 50 евра за непочитување на обврската за носење заштитна маска на места каде што тоа е пропишано, како на пример во јавниот превоз.

Баварија најави казни од „најмалку 250 евра“ и 500 евра во случај на повторување на престапот.

Правилото за бесплатно тестирање за повратниците од одморите исто така се менува. Досега, тоа беше задолжително за повратниците од области со висок ризик и доброволно за сите други.

Од средината на септември, кога училишните одмори треба да завршат во сите германски провинции, повратниците од области со висок ризик ќе треба да одат во карантин по враќањето во Германија, што може да се прекине по само пет дена во случај на негативен тест за корона вирус.

Ова е да се спречи преносот на инфекции стекнати во последните денови од престојот во ризчна област, што не би било видливо на тестот веднаш по пристигнувањето.

Тестовите за повратниците од одморите наидоа на најжестока расправа за време на конференцијата. Баварија, сепак, инсистира да понуди бесплатни тестови на своите аеродроми, железнички и автопатски станици.

Во исто време, канцеларката Ангела Меркел се залага за построги правила за повратниците од области со висок ризик, според кои во случај на отсуство од работа заради инфекција, нема да има исплата на плата. Таа е исто така против бесплатни тестови.