Германија ги затвора границите за патници од Британија поради „омикрон“

Германија поради страв од варијантата „омикрон“, се придружува на Франција и ги затвора своите граници за повеќето патници од Велика Британија.

Ограничувањата за патување стапуваат на сила во недела навечер. Повеќето патници од Обединетото Кралство нема да смеат да влезат во земјата, освен германските државјани и жители, но ќе мора да направат негативен тест при преминувањето на границата и да поминат две недели во карантин без разлика дали се вакцинирани.

Слични мерки веќе воведе и Франција.

Институтот Роберт Кох ги воведе овие нови ограничувања откако го прогласи Обединетото Кралство за област со висок ризик од ширење на Ковид. Покрај Британија, на листата на земји со висок ризик се и Данска, Франција, Норвешка и Либан, а патувањата од овие земји, исто така, ќе бидат ограничени.

За потсетување, вчера во Британија се регистрирани 90.418 нови случаи на инфекција со Ковид-19.

Британските научни советници предупредуваат дека доколку не се воведат дополнителни мерки, во Англија може да има по 3.000 хоспитализации дневно.

Иако бројот на нови случаи на коронавирус во Германија е помал отколку во Велика Британија, бројот на смртни случаи по инфекцијата е во пораст. Така, Германија во петокот забележа 437 смртни случаи поврзани со Ковид-19, пишува Би-Би-Си.

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах рече дека очекува варијантата „омикрон“ да започне „масовен петти бран“ на пандемијата, додавајќи дека земјата мора да се подготви за предизвик „како што досега не сме виделе“.

Француските власти во саботата, поради загриженоста за варијантата „омикрон“, го забранија пристигнувањето на британски туристи. Според новите правила, на граѓаните на Велика Британија сега им е потребна „оправдана причина“ за да влезат во Франција и не им е дозволено да патуваат за туристички или деловни цели.

Превозниците и француските државјани се изземени од оваа одредба.