Германија го олеснува добивањето државјанство

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фејзер претстави ви петокот делови од нацрт-законот со кој би требало да се олесни стекнувањето германско државјанство и според кој впишувањето во државјанството, наместо сегашните осум ќе може да се побара веќе по пет односни три години легален престој.

„Наместо сегашните осум години, државјанството ќе може да се стекне веќе по пет години легален престој, а во случај на успешна интеграција веќе и по три години“, рече во разговорот за неколку германски медиуми министерката Фејзер од владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD).

Под многу успешна интеграција, како што појасни Фејзер, подразбира брзо учење на германскиот јазик и добрата вклопеност во работниот или образовниот систем на земјата.

„Нацрт-законот е готов и е испратен до надлежните министерства на проверка“, соопшти подоцна во петокот германското министерство за внатрешни работи. Во истото соопштение се наведува дека поединостите од законот веќе се договорени меѓу партиите од тројната владејачка коалиција.

Социјалдемократско-зелено-либаралната влада во својот коалициски договор предвиде реформа на законот за стегнување на германското државјанство. Според овој нацрт, децата родени во Германија автоматски би стекнувале право на државјанство, доколку еден од родителите најмалку пет години легално престојува во земјата.

Се намалуваат и јазичните критериуми. Така, кај лицата повозрасни од 67 години во иднина како услов за стекнување на државјанството ќе биде намален јазичниот критериум, и во иднина ќе биде доволно подносителот на барањето да може „усно да се разбере“.

„Со олеснувањето на постапката за стекнување на државјанството сакаме да им излеземе в пресрет на генерациите гастарбајтери кои дадоа значителен придонес во развојот на оваа земја“, вели Фејзер.

Најавува, исто така, дека би требало да биде овозможено и олеснето стекнувањето на двојното државјанство, што во моментов во Германија со некои исклучоци, е забрането.

„Интеграцијата е многу поважна од познавањето на јазикот, образованието и признавањето на демократскиот поредок, отколку прашањето дали подносителот на барањето поседува уште некое друго државјанство“, тврди Фејзер.

Неможноста од задржување на старото државјанство при примањето на германското, се смета за најголема пречка за засилено влегување на странците, кои веќе долги години живеат во Германија, во регистарот на германските државјани.

Државјаните на земјите членки на Европската унија смеат да го задржат своето старо државјанство и по стекнувањето на германскиот пасош.