Германија го продолжува делумното „затворање“, но со исклучоци за Божик

Германската сојузна и владите на сојузните покраини се договорија во средата вечерта дека до крајот на годината ќе го продолжат делумното затворање поради справувањето со епидемијата на коронавирусот, со тоа што во текот на Божикните празници некои мерки ќе бидат ублажени.

Канцеларката Ангела Меркел и премиерите на сојузните покраини апелираа до Германците најмалку до 10-ти јануари да се воздржат од заминување на традиционалните зимски одмори во познатите скијачки центри.

„Германската влада би требало на европско ниво да работи на тоа до 10-ти јануари да се забрани скијачкиот туризам“, се истакнува во заедничкото соопштение.

Во него се додава и дека работата од дома е „добар механизам“ за намалување на бројот на социјалните контакти. Германија од почетокот на епидемијата регистрираше 961.320 коронаинфекции и 14.771 смртен исход од заразата.

„Апелираме до работодавачите секаде каде што тоа е возможно да го овозможат работењето од дома, особено во периодот меѓу Божик и Нова година. Она што ни е потребно е нова концентрација на сите сили. Трпеливост, солидарнсот, дисциплина“, изјави канцеларката Меркел по повеќечасовната видеоконференција со покраинските премиери.

Додаде дека развојот на ситуацијата со вакцината против коронавирусот дава зрак на оптимизам, но дека во моментот е важно да се продолжат постојните строги мерки.

Делумниот „локдаун“, воведен од почетокот на ноември вклучува забрана за работа на угостителските објекти со исклучлок на продажбата на храна и пијалаци за консумирање надвор од тие објекти, како и забрана за примање гости во хотелите за туристички цели, освен оние кои се на деловни патувања. Покрај тоа, забранета е работата на културните установи, кино-салите и театрите, како и за вежбалните и спортските објекти, како што се јавните базени.

Според канцеларката Меркел, воведувањето на делумното „затворање“ на почетокот од ноември имало и делумен успех.

„Кривата на растот малку се израмни, но сѐ уште сме далеку од посакуваната инциденца од 50 (на 100.000 жители). И поради тоа мерките треба да се продолжат до почетокот на јануари“, рече Меркел.

Од новите мерки се воведува забраната за собирање на најмногу пет лица од две домаќинства, а исклучок ќе има во текот на божикните и новогодишните празници кога ќе се дозволува групирање до десет лица од повеќе домаќинства. Во тоа не се сметаат децата помлади од 14 години.

Властите се договориле и за новите правила за малопродажбата, кои се однесуваа главно на бројот на купувачите. Во продавниците до 800 квадратни метри треба за еден купувач да се обезбедат најмалку 10, а во трговските центри со над 800 квадрати до 20 квадратни метри.

Носењето маски ќе биде задолжително и во затворените простори и во јавниот сообраќај, како и во сите простори каде што концентрацијата на луѓето е зголемена, како што се пешачките зони во градовите.

Во средините во кои има над 200 заразени на 100.000 жители ќе се воведуваат построги мерки, како што се минување на онлајн настава и затворање на дел од малопродажната мрежа. Во областите со инциденца од над 200, спаѓаат Берлин и уште 62 округа ширум Германија.

Претставниците на сојузната и на покраинските влади траба да одржат уште еден состанок на 2-ри декември, за да ги согледаат постигнатите резултати во борбата против епидемијата на коронавирусот.