Германија го прогласи Брисел за ризична област поради коронавирусот

Германија ја прогласи областа на белгиската и европската престолнина Брисел за ризично подрачје поради големиот број заразени со новиот коронавирус, соопшто во петокот германското министерство за надворешни работи.

Во соопштението, министерството ги предупредува граѓаните да „не одат на туристички патувања“ во Брисел, каде што бројот на новозаразените од Covid-19 ја мина границата од 50 случаи на 100.000 жители во изминатите седум дена. Пред околу две седмици германското министерство за надворешни работи ја стави и белгиската покраина Антверпен на листата ризични области.

Лицата кои се враќаат од овие подрачја мора сега задолжително да се тестираат на коронавирусот во Германија, и да останат во карантин додека го чекаат наодот.

Германија во четвртокот прогласи за ризична област дел од крајбрежјето на Хрватска, а пред една седмица тоа го направи за Шпанија, каде што милиони Германци одмораат секоја година во текот на сите годишни времиња, особено на Мајорка односно Балеарите кои поради тоа често ги нарекуваат 17-та германска сојузна покраина.

Германија е претпазлива поради сѐ поголемата закана од втор бран од пандемијата на коронавирусот, а канцеларката Ангела Меркел во вторникот отфрли каква и да е можност за попуштање на епидемиолошките мерки кои се во моментов на сила. Тоа се однесува на носењето маски во јавниот сообраќај, во продавниците и во угостителските објекти.

Германија, којашто се посочува како пример за управувањето во пандемијата на Covid-19, во последниот период, како и другите земји во Европа, бележи раст на бројот на новозаразените. Во последните денови оваа бројка се движи и околу 1.700 нови случаи, што претставува враќање на нивото од крајот на април, кога пандемијата го имаше својот врв.