Германија и Франција ги напуштија преговорите за реформата на СЗО

Германија и Франција ги напуштија преговорите за реформа на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) како реакција на обидите на САД да ги водат преговорите, иако претходно објавија дека ја напуштаат оваа организација на Обединетите наци, соопштија претставници на двете земји.

Потегот на Берлин и Париз се толкува како удар за американскиот претседател Доналд Трамп, бидејќи Вашингтон кој во моментов претседава со групата седум најразвиени земји (Г7) се надеваше дека во септември ќе објави заеднички план за сеопфатна реформа на СЗО, два месеца пред американските претседателски избори.

Во јули САД ја известија СЗО дека ќе истапат од членството во организацијата по една година, откако претседателот Трамп ја обвини дека несоодветно реагирала на појавата на пандемијата на коронавирусот и оти се однесува како марионета на Кина, којашто ја обвини дека ненавремено информирала за појавата на новиот коронавирус на нејзина територија.

Европските влади, исто така, ја критикуваат СЗО, но не одат толку далеку како Вашингтон, кој, исто така, забележува дека е далеку најголемиот финансиер на организацијата со близу 500 милиони долари годишно.

„Никој не сака да биде вовлечен во реформски процес и да добие за тоа нацрт од земја којашто самата штотуку ја напушти СЗО“, изјавил висок неименуван европски функционер кој учествува во преговорите, пренесува Reuters.

На прашањето да ги потврдат одлуките на Париз и на Берлин, портпаролите на владите на Франција, Германија, Велика Британија и Италија немале коментар.

Меѓутоа, од француското министерство за здравство рекле дека „САД не би смееле да бидат предводници во реформите на СЗО, откако објавија дека имаат намера да ја напуштат оваа организација“.

На прашање за коментар на ставовите на Франција и Германија, висок функционер на администрацијата на Трамп рекол „Сите членки од групата Г7 експлицитно ја поддржаа суштината на идејата за реформа на СЗО“.

„Меѓутоа, за жалење е што Германија и Франција на крајот избраа да не ѝ се придружат на групата во прифаќањето на планот“, додал неименуваниот американски соговорник на агенцијата.