Германија испраќа тенкови во Украина и ќе им дозволи и на другите, тврдат извори

Германскиот канцелар Олаф Шолц донел одлука да ги испрати современите тешко офанзивни тенкови „Leopard 2“ во Украина и да им дозволи и на другите земји да го сторат тоа со цел да се запре напредувањето на руските сили, а исто така САД би можеле на Киев да му предадат од своите тенкови „Abrams“, изјавил за Reuters неименувани извор запознаен со прашањето.

„Решението е донесено: Германија ќе ѝ ги испорача на Украина борбените тенкови Leopard 2“, објави претходно во вторникот вечерта германскиот дневен весник Spiegel повикувајќи се на свои извори.

Според весникот, станува збор за една чета тенкови, која по правило се состои од 14 тенкови, од моделот „Leopard 2А6“, кои во моментов се во составот на Бундесверот.

Покрај тоа, Берлин планира да им одобри на другите земји кои би сакале да ги испорачаат тенковите од германско производство во Украина. Притоа, се наведува дека неколку земји членки на НАТО, предводени од Полска и Финска, како и другите скандинавски и балтички веќе изразиле подготвеност да го сторат тоа.

„Се чини дека на германската одлука ѝ претходеа повеќедневните интензивни консултации со сојузниците, особено со Вашингтон“, сугерира Spiegel така опишувајќи го притисокот под кој се најде германскиот канцелар Олаф Шолц, кој се колебаше во врска со испораките под сугестијата дека тоа може да предизвика ескалација на борбените дејствија од страна на Русија и поради тоа што анкетите покажаа дека Германците во големо мнозинство се противат на испораките на тенковите на Украина.

Во информацијата на Spiegel, кој се повикува на доверлив документ на германското Министерство за одбрана, Бундесверот во моментов има 212 функционални тенкови „Leopard“ од моделите 1А5, 2А6, 2А7 и најсовремените со ознаката 2А7V во количество од 53 единици.

„Долгорочно гледано, поголем број тенкови би можело да биде ремонтиран и подготвен за користење“, пишува уште Spiegel.

Велика Британија најави дека ќе испорача 12 или 14 од првично бараните 50 свои тенкови од истата класа „Challenger 2“, во напорите да се изврши притисок врз Берлин да дозволи масовно испорачување на „Leopard“-ите, едни од најшироко користените во војските на НАТО.

Американски функционери, кои не сакале да бидат именувани, претходно во вторникот за Reuters рекледека Вашингтон наскоро би можел да се откаже од противењето да ги испрати своите тенкови „Abrams“ во Украина, во рамките на потегот осмислен Германија да биде поттикната да ги испорача своите тенкови „Leopard 2“ на Киев и да им го одобри тоа на другите земји.

Пред почетокот на состанокот во петокот на околу 50 министри за одбрана на земјите кои ја поддржуваат Украина во американската воздухопловна база Рамштајн во западна Германија, извори до германската влада соопштија дека ќе дадат одобрување, доколку САД се согласат да ги испратат своите „Abrams“ тенкови.

Од Пентагон за Reuters одбиле да коментираат дали следат некои изјави за тенковите „Abrams“. Исто така, одбиле да коментираат дали Германија ќе ги одобрат испораките на „Leopard“-ите.

„Министерот за одбрана (Лојд) Остин имаше многу продуктивни разговори со својот германски колега (Борис Писториус) кога престојуваше во Германија на состаноците минатата седмица“, одговорил бригадниот генерал Патрик Рајдер на брифингот за новинарите.

Вашингтон претходно јасно даде до знаење дека нема да ги испорача своите тенкови во скора иднина. Тврди дека тоа би бил кошмар за украинските сили поради големата потрошувачка на горива за нив и сложеното и скапо нивно одржување. Покрај тоа, повеќе воени аналитичари предупредуваа дека испраќањето на таквите тенкови опремени со најсовремена технологија на правата борбена линија, преставува ризик тие да паднат во рацете на руската војска којашто потоа може да развие ефикасни средства за нивни уништување.

Според правилата за набавките на оружје, Германија мора да одобри извоз на секој тенк „Leopard“. Извор од германскиот одбранбен сектор за Reuters потврдил дека Полска го поднела барањето за реекспорт за испорака на своите 14 тенкови „Leopard 2 A4“ со што дополнително го зголемила притисокот врз Берлин, откако полскиот премиер Матеуш Мазовјецки објави дека Варшава ќе го стори тоа и без дозвола од германската влада и ќе формира коалиција од земји во врска со испораките.