Германија на почеток од епидемија на коронавирусот

Во Германија во средата се регистрирани вкупно 31.554 заразени со коронавирусот, што е за 4.191 повеќе отколку претходниот ден, а исто така и бројот на починатите се зголемил за 36 на 149 лица, соопшти Институтот „Роберт Кох“, чиј директот Лотар Вилер, предупреди дека земјата се наоѓа на почеток од епидемија.

„Ние се наоѓаме на почетокот од епидемија за којашто сѐ уште е потполно отворено прашањето како ќе се развива“, изјави директорот на референтниот германски Институт „Роберт Кох“, Лотар Вилер, на редовната прес-конференција.

Појасни дека Германија, во споредба со другите земји, бележи релативно мал број на починатите, но дека бројот на жртвите „сигурно и натаму ќе расте“. За малиот број починати, како што рече Вилер, придонесува и фактот што Германија од самиот почеток спроведувала поголем број тестови.

„Поради тоа многу рано го откривме причинителот и преземавме мерки“, рече Вилер и повтори дека Инстутот „Роберт Кох“ препорачува тестирање на поголем број лица.

Вилер објасни и дека во Германија меѓу заразените е релативно голем бројот на помлади лица, кај коишто болеста минала благо.

„Ние би требало да го тестираме не само оние лица кои престојувале во ризичните подрачја, туку сите кои имаат потешки симптоми“, рече Вилер. На оние со полесни симптоми, директорот на Институтот им препорача да „останат дома“.