Германија планира интегрирање на доселениците пред да се доселат во државата

Германската Влада планира со интеграцијата на идните доселеници да започне пред нивното населување во Германија, соопштиле денеска од кабинетот на канцеларката Ангела Меркел.

„Ние веќе и пред вселувањето треба да поставиме насоки за интеграција по доаѓањето во Германија“, рекла доверителката на сојузната Влада за интеграција, Анет Видман – Мауз по состанокот на Владата на кој е прифатен дел од таканаречниот „Национален акциски план за интеграција“.

Акцискиот план предвидува мерки за интеграција на идните доселеници кои би започнале во земјите од каде потекнуваат, а кои пред се се однесуваат на учење на германскиот јазик, како и исцрпно информирање за животот во Германија.

„Со тоа помеѓу другото сакаме да го спречиме создавањето на погрешни очекувања од животот во Германија“, рекла Видаман – Мауз.

Националниот акциски план за интеграција содржи неколку тематски целини од кои Видман – Мауз ги истакнува „почетната интеграција и инклузијата“.

Во проектот освен Владата, се вклучени и сојузните земји, припадниците на цивилните општества, социјалните организации, како и 75 здруженија на мигранти.

Носењето на национален акциски план за интеграција е дел од подготовката за воведување на Законот за вселување на квалификувани работници кој стапува во сила на 1 март оваа година.

Овој закон за прв пат по седумдесетите години ќе овозможи системско вселување на стручни и квалификувани работници од земјите кои не се членки на Европската унија.

На германскиот пазар на труд недостасуваат преку милион работници, а само во занаетчиството моментално се отворени 250,000 работни места.

Германската канцеларка на таканаречниот самит за законот за вселување на стручни работници во декември нагласила дека вселувањето е потребно за да се задржи благосостојбата во Германија.

Партијата Алтернатива за Германија (АфД) веќе ги критикувала намерите на Ангела Меркел, Германија да ја претвори во доселеничка земја и со тоа да ги влоши сегашните проблеми.

„Она од што Германија веќе пати е создавање на паралени општества, детски бракови, криминални кланови, убиства од чест и недозволени услови во училиштата, што додатно ќе се влоши“, соопштила Беатрис вон Сторч, една од водечките политичарки на АфД.