Германија подготви пакет од 65 милијарди евра за помош на граѓаните во инфлацијата

Германија ќе инвестира 65 милијарди евра во нов пакет мерки, со цел граѓаните полесно да ги поднесат инфлацијата и растечките цени на енергијата, објави владата денеска.

„Германија е единствена во ова тешко време. Како земја ќе поминеме низ ова тешко време“, изјави канцеларот Олаф Шолц.

Меѓу мерките кои беа објавени денеска се еднократни исплати за граѓаните за покривање на трошоците за енергијата, ценовно ограничување на основното количество потрошена енергија за поединци и семејства и наследник на популарниот месечен билет за јавен превоз од девет евра. Владата ја прекина оваа тримесечна шема на 1 септември, иако се покажа голем успех.

Засега не е објавено колку ќе чини месечниот билет за јавен превоз, но се очекува да биде меѓу 49 и 69 евра.

„Свесен сум дека многумина Германци тешко се соочуваат со поскапувањата и затоа владата е спремна да помогне. Ова е најголемиот од досегашните три пакети“, кажа Шолц.