Германија поради британскиот сој на нозе ја крена и полицијата

209

Случај на зараза со британскиот сој на коронавирусот во Хам, во западна Германија, ја крена на нозе локалната полиција којашто спроведува опсежна операција во градот, потврди во вторникот портпаролката на полицијата.

Според градските власти, откако заразата со британскиот сој B117 е потврдена кај еден работник на градилиште, на самото место се испратени 100 полицајци.

Четирите згради во кои се сместени работниците од тоа градилиште се ставени под карантин, а сите кои работат таму се подложени на тестирање. Полицијата од понеделникот вечерта дежура пред зградите за да го надгледува спроведувањето на карантинската мерка.

Британскиот сој на коронавирусот се смета за позаразен, а според најновите научни податоци и за посмртоносен. Тој е еден од трите мутирани соеви идентификувани во Германија кои предизвикуваат загриженост на здравствените власти.

Циркулирањето на новите соеви во Германија го потврди и референтниот Институт за контрола на болестите „Роберт Кох“. На почетокот од февруари Институтот извести дека сојот B117 е потврден во 13 од 16-те германски сојузни покраини, како и дека во тој момент имал учество од 6 отсто од сите случаи на коронаинфекциите во земјата. Но Институтот предупредува дека е многу веројатно дека оваа бројка ќе расте.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.