Германија: Производствените цени со раст од рекордни 33 отсто, инфлацијата највисока по 1981-ва

Прозводствените цени во Германија во април достигнале нови рекордни нивоа, повеќе од 33 отсто, најмногу поради растот на цените на енергијата, објави во петокот германското статистичко биро Destatis.

Индексот на производствените цени на индустриските производи скокнал во април на годишно ниво од 33,5 отсто, што е најголем забележан раст во Германија досега, откако во март се зголемил за 30,9 отсто, објави Destatis.

Како причина за тоа повторно се наведува војната во Украина, и оти во заднината на тоа индексот во однос на претходниот месец пораснал за 2,8 отсто. Економисите очекуваа за двојно побавен раст од 1,4 отсто.

Цените на енергијата скокнала за 87 отсто во однос на истиот период минатата 2021 година, и за 2,5 отсто во однос на март.

Троцифрениот раст на цените на природниот гас и натаму е главната причина за раст на цената на енергијата. Електричните централи морале да плаќаат четири пати поголема цена отколку пред една година, а цената за индустриските потрошувачи пораснала за 260 отсто, а кај препродавачите за 170 отсто, соопшти германската статистичка егенција.

Цените на струјата пораснале за 87 отсто, а предистрибутерите плаќале 157 повеќе отколку една година претходно. Цените на лесното масло пораснале, пак, за 102 отсто, а на моторните горива за 46 отсто.

Доколку се исклучат енергенсите, вкупниот индекс на произведствените цени пораснале за 16,3 отсто на годишно ниво и за 3 отсто во однос на претходниот месец.

 

Инфлацијата на највисока по повеќе од четири децении

Инфлацијата во Германија, мерена во потрошувачките цени, во април изнесувала 7,4 отсто, за колку што пораснале цените во однос на истиот месец минатата година.

Поради највисоката инфлација по 1981 година, во четвртокот германскиот парламент го прифати пакетот мерки за економска помош за населението, вклучително и воведувањето месечен билет за јавниот сообраќај од само 9 евра во целата земја.

Пакетот, исто така, вклучува намалување на данокот за бензините и дизелот за квартален период, со што данокот на енергијата се спушти на минималното ниво дозволено во Европската унија.

И додака владите во земјите од еврозоната се обидуваат да му помогнат на населението што полесно да ги надмине зголемените животни трошоци, Европската централна банка (ECB) најави укинување на монетарните поттикнувања, воведени со цел да му се помогне на стопанството во текот на кризата предизвикана од двегодишната пандемија на коронавирусот.

Според најавите, овие поттикнувачки мерки ќе бидат укинати на крајот од второто годинешно тримесечје, а потоа се очекува зголемување на каматните стапки за да се сузбие инфлацијата. Но тоа би можело да го забави закрепнувањето на стопанството од коронакризата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.