Германија разгледува национализација на дел од Северен тек 2

Германското министерство за економија разгледува експропријација на германскиот дел од гасоводот Северен тек 2 во мнозинска руска сопственост за потребите на транспорт на гас од пловечки терминал за течен природен гас (LNG) во Балтичкото Море, пишува во петокот весникот Der Spiegel повикувајќи се на сопствени извори.

Министерството ја разгледува можноста за експропријација на делот од гасоводниот систем кој се наоѓа на германска територија и негово одвојување од остатокот на гасоводот, се наведува во текстот. Во написот на Der Spiegel се потсетува дека Северен тек 2 е веќе поврзан со дистрибутивната мрежа и дека е можно да се транспортира гас директно до југот на Германија. Експертите, сепак, стравуваат дека кревањето и одвојувањето на цевките може да предизвика еколошки проблеми. Освен тоа, за такви зафати ќе бидат потребни дополнителни одобренија.

Покрај тоа, постои неизвесност и околу имотноправните односи, бидејќи компанијата оператор „Nord Stream 2 AG“ е на работ на банкрот и ѝ е назначен привремен управител.

Но најмногу германските власти стравуваат од противмерки на Русија, особено од реципрочна национализација на имотите на германските компании во Руската Федерација. Како што наведува Der Spiegel, германското министерство за економија сѐ уште не ги коментирало плановите, но посочило дека прашањето за користење на постојната инфраструктура за поврзување со терминал за течен гас е важен фактор.

Од Москва одговориле во петокот дека не можат да го коментираат пишувањето на Der Spiegel. Но, доколку Германија повлече конкретни потези, тоа во прв ред би бил случај за адвокатите, рекол на брифингот во Кремљ, портпаролот Дмитриј Песков.

Минатата седмица зборувајќи на економскиот форум во Санкт Петербург, Алексеј Милер, извршниот директор на мнозинскиот сопственик на Северен тек 2, рускиот енергетски гигант „Газпром“, потсети дека двете линии на Северен тек 2 се под притисок и дека гасот може да се испорачува во Германија во секој момент.

Изградбата на Северен тек 2 и покрај бројните пречки и санкции од САД целосно беше завршена на 10-ти септември 2021 година, откако не успеа да го постигне зададениот рок пред крајот на 2019 година. Гасоводот се состои од два цевковода со вкупен капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишни, директно од руското наоѓалиште по дното на Балтичкото Море до Германија.

Северен тек 2 требаше да ги удвои испораките на рускиот гас во Германија, на вкупно 110 милијарди кубни метри гас годишно. Руски „Газпром“, германските „Wintershall Dea“ и „Uniper“, австриски ОMV, француски „Engie“ и британски „Shell“ го потпишаа договорот за градење уште кон средината на 2015 година. „Газпром“ е сопственик на 51 отсто од уделите во проектот.

Тоа го предизвика стравот на Украина дека ќе губи милијарди евра годишни од транзитот на рускиот гас преку нејзината територија, а покрај тоа Полска и другите земји стравуваа дека Германија поскапо ќе им го продава гасот. Вашингтон предупредуваше дека преку него Русија ќе го користи за политичко влијание во Европа, но Берлин тогаш рече дека САД сакаат да го промовираат на континентот својот поскап течен гас од шкрилци.

Откако гасоводот беше довршен, Германија го суспендираше издавањето дозвола по доаѓањето во Вашингтон на власт на претседателот Џо Бајден, и бараше конзорциумот со седиште  во Швајцарија да биде префрлено во Германија што беше и сторено. Годинава Берлин го суспендираше ставањето во функција, поради у=војната во Украина. Во меѓувреме „Газпром’ ја продаде сопственоста над филијалата „Gazprom Germania“којашто управува со важно складиште за гас, а се занимава и со трговија. Германија ја национализираше со образложени дека сака да го осигури снабдувањето со гас