Германија би требало што поскоро да донесе концепт за борба против евентуално новиот бран на пандемијата на коронавирусот есенва, најави во неделата сојузниот министер за правосудство Марко Бушман.
„Ние најверојатно во текот на јули ќе претставиме концепт за борба против коронавирусот за есента“, вели во разговорот за весникот Welt am Sonntag, министерот за правосудство Марко Бушман од Либерално-демократската партија (FDP).
Додава дека во рамките на новиот концепт „заштитната маска ќе игра поголема улога“, што би значело евентуално враќање на обврската да се носат маски во затворени простори.
Бушман посочува дека мерките ќе бидат прилагодени на моменталните податоци од теренот, односно зачестеноста на заразите, но ја отфрли можноста за повторно воведување на строгите мерки како што се „локдаун“ или затворањето на училиштата.
Во саботата во разговорот за јавниот сервис Deutschlandfunk, шефот на пратеничката група на FDP, Кристијан Дирер, се осврна на вештачењата на Експертскиот совет кој сојузната влада ја советува по прашањата за мерките против коронавирусот и која не можела да утврди директно влијание на мерките како „затворањето“ врз движењето на инциденцата.
„Не можеме врз основа на претпоставките повторно толку длабоко да задираме во темелните права на граѓаните, како што беше случајот со ограничувањето на движењето“, вели Дуер.
Либералите, кои од крајот на минатата година се во владејачката коалиција со социјалдемократите и зелените, важат како партија која критички се однесуваше кон многу од пандемиските мерки.
Сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах, од Социјалдемократската партија на Германија (SPD) во неколку наврати изминатите денови ги предупреди сонародниците на нови пандемиски бранови во Германија кои се очекуваат на есен и во зима.
Инциденцата на зарази во Германија во моментов е во пораст, а повеќето од новите заболувања се однесуваат на новата вирусна варијанта омикрон BA.5. Од март во земјата се укинати сите мерки против ширењето на коронавирусот, со исклучок на носењето маски FFP2 во средствата за јавен превоз. Сојузната покраина Баварија овој викенд ја укина обврската за носење маските FFP2 во јавниот сообраќај, и дозволи употреба на хируршките заштитни маски, што наиде на критика од сојузните власти, бидејќи тие маски пружаат помала заштита од инфекции.