Германија сепак е во рецесија

Германската економија благо се намалила во првиот квартал годинава и паднала во рецесија, покажаа во четвртокот ревидираните проценки на заводот за статистика, откривајќи силен инфлаторен притисок врз личната потрошувачка.

Сезонски и ценовно приспособениот бруто-домашен производ (БДП) паднал во првите три месеца од оваа година за 0,3 отсто во споредба со претходниот квартал кога се намали за 0,5 отсто, покажуваат новите проценки на Destatis.

Првата оцена покажа стагнација на активност на почетокот на годината.

Во однос на првиот квартал од минатата година, БДП е намален за 0,5 отсто во првите три месеци од годинава. Претходната проценка на Destatis покажа пад на активноста од 0,1 отсто.

„Откако БДП се лизна на негативна територија веќе на крајот на 2022 година, германската економија забележа два негативни квартали по ред“, рече претседателката на Дестатис, Рут Бранд.

Доколу економијата се намалува два квартали по ред, економистите зборуваат за техничка рецесија, потсетува DPA.

Високата инфлација ја лиши економијата од поддршка за личната потрошувачка, покажуваат новите податоци. Личната потрошувачка е намалена за 1,2 отсто во однос на крајот на 2022 година, кога потона за 1,7 отсто.

Домаќинствата во првите три месеца од годинава помалку трошеле за храна и пијалоци, облека и обувки и за мебел, посочуваат статистичарите.

Иако растот на цените во последно време е забавен, стапката на инфлација во април од 7,2 отсто сѐ уште е висока.

Позитивни импулси биле бруто-инвестициите на компаниите и извозот, кои бележат пораст од 3,0 отсто, односно 0,4 отсто во однос на претходните три месеци.

Зголемени се инвестициите во градежниот сектор, поради поволните временски услови и инвестициите на компаниите во опрема како машини, уреди и возила.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Европската комисија очекуваат дека германската економија повеќе или помалку ќе стагнира оваа година, германската влада прогнозира раст на активноста од 0,4 проценти.