Германија со војниците од Авганистан ќе повлече и 22.500 литри пиво

Германија објави дека ќе врати 22.500 литри пиво од Авганистан назад во земјата, откако силите на НАТО целосно ќе ги повлечат своите трупи.

Командантите неодамна забранија војници да консумираат алкохол поради зголемено насилство за време на повлекувањето на трупите од Авганистан.

Локалните продавници во Авганистан не смеат да продаваат алкохол од религиозни и културни причини.

Портпарол на германското Министерство за одбрана во понеделникот изјави дека пронашле снабдувач кој ќе им помогне да го вратат овој пијалок во земјата.

Во април, американскиот претседател Џо Бајден објави дека неговите сили целосно ќе се повлечат од Авганистан до 11 септември, а сојузниците на НАТО наскоро објавија дека ќе го следат неговиот пример. Оттогаш, во Авганистан има зголемување на насилството.

Странските влади ги обвинија талибанците за конфликтот и тврдат дека, и покрај договорот, тие не ги запреле нападите, но терористичката група ги негира овие обвинувања, пренесува „ВВС“.

Германски „Шпигел“ во петокот објави дека нивната армија поседува големи количини алкохол, кои планира да ги врати во својата матична земја. На нивните војници им е дозволено да пијат најмногу две лименки пиво на ден.

Повеќе од 60.000 лименки пиво и неколку стотици шишиња вино и шампањ се наоѓаат во кампот Мармал на северот на Авганистан и се подготвени за испорака.

Портпаролката Кристина Руци во понеделникот изјави дека кога последните германски војници ќе бидат префрлени назад во нивната земја, со нив ќе оди и многу алкохол.

Повеќе од 1.100 германски војници во моментов се стационирани во Авганистан. Околу 60 од нив се убиени во борбите од почетокот на конфликтот.