Германија: Укинување на поволностите за бегалците кои доаѓаат од земјите на ЕУ

По нападот во Солинген, Германија сака да ја промени својата политика кон имиграцијата на бегалците и во иднина има намера да ја откаже финансиската помош за барателите на азил кои доаѓаат од некои од земјите на Европската унија, објавија германските медиуми во четвртокот.

„Кој влегува во Германија како бегалец како таканаречен Даблински бегалец, односно дојде од некоја од земјите на Европската унија, неговата помош ќе биде максимално намалена. Не смее да добива ни цент од германските даночни пари. Мораме да ставиме крај на магнетизмот произведен од германската социјална држава“, изјави министерот за финансии и претседател на владејачката Либерално-демократска партија (FDP) Кристијан Линднер за јавната телевизија ARD.

Пред тоа, неколку медиуми објавија дека германската влада на канцеларот Олаф Шолц планира да обезбеди минимална социјална заштита на бегалците кои дошле од некои од земјите на Европската унија за време на процесот на признавање на барањата за азил.

Ова вклучува кревет во заедничко сместување, храна и средства за хигиена. Во моментов, барателите на азил добиваат и 460 евра финансиска помош месечно покрај сместување и храна.

Да се укине „магнетизмот“ на германската социјална држава

Кристијан Линднер смета дека укинувањето на овие финансиски поволности ќе ја намали атрактивноста на Германија како дестинација за влез на бегалците во ЕУ.

Во Германија, по терористичкиот напад во Солинген минатиот петок, кога бегалец од Сирија и приврзаник на џихадистичката Исламска држава, според досегашните резултати од истрагата, уби тројца и повреди десет посетители на јавна прослава, започнаа дискусиите за потребата за целосна промена на германската политика кон нерегулираната миграција.

Линднер укажа и на неодамнешното откритие на медиумите дека Авганистанците кои живеат во Германија поради наводни закани во нивната татковина редовно патуваат во Авганистан на одмор.

„Кој оди во Авганистан на одмор, го губи правото на заштита во Германија“, изјави вицепремиерот Линднер.

Се менува ли политиката кон бегалците?

Лидерот на демохристијанската опозиција (CDU-CSU) Фридрих Мерц во вторникот во разговор со канцеларот Олаф Шолц (Социјалдемократската партија на Германија – SPD) побара да престане да прима бегалци од Сирија и Авганистан и систематски да ги протерува во земји како Авганистан и Сирија.

Сириецот осомничен за терористичките напади во Солинген одамна требало да биде депортиран во Бугарија, земјата каде што влегол во Европската унија.

Мерц најави и воведување на национална вонредна состојба во случај враќањето на бегалците според Даблинскиот клуч да биде спротивно на законите на ЕУ.

Претставниците на владата, опозицијата и сојузните покраини треба да се сретнат следната недела за да разговараат за конкретни мерки за ограничување на бројот на бегалци.

AfD води пред изборите в недела

Дебатата се одржува во седмицата пред изборите за локалните парламенти во источните сојузни покраини Тирингија и Саксонија, каде, според анкетите на јавното мислење, десничарската суверенистичка и евроскептична Алтернатива за Германија (AfD), која се противи на секаков облик на миграција, се очекува победа.

Набљудувачите оценуваат дека нападот во Солинген, последен во низата, ги зголеми изгледите на AfD на овие избори.

На крајот на септември во сојузната покраина Бранденбург се одржуваат избори за покраинскиот парламент.

Некои медиуми шпекулираат дека, во случај партиите од владејачката коалиција на сојузно ниво – SPD, Зелените и FDP да доживеат дебакл на претстојните избори во септември, владата на Олаф Шолц може да се распадне.