Германија влезе во рецесија

Германската економија влезе во техничка рецесија во првиот квартал од оваа година, додека домаќинствата ги затегнаа трошоците.

Податоците на германскиот завод за статистика во четвртокот покажаа надолна ревизија на БДП (бруто домашниот производ) од нула на -0,3% за првите три месеци од годината.

Ова доаѓа откако Германија забележа пад од 0,5% во последниот квартал од 2022 година. Два последователни квартали со негативен раст дефинираат техничка рецесија.

Најголемата европска економија беше под значителен притисок, особено по руската инвазија на Украина и последователната одлука на европските лидери да ги прекинат врските со Москва.

Според заводот за статистика, германските домаќинства потрошиле многу помалку во првиот квартал, при што расходите за финална потрошувачка паднале за 1,2% во тој период, бидејќи потрошувачите не сакале да ги трошат своите пари на облека, мебел, автомобили и слично.

„После сѐ, Германија падна во рецесија на крајот на минатата година, бидејќи шокот во цените на енергијата влијаеше врз трошењето на потрошувачите“, рече Клаус Вистесен, главен економист за еврозоната во Пантеон макроеконопмикс, во белешката до клиентите.

Тој додаде дека е малку веројатно германскиот БДП да продолжи да паѓа во наредните квартали, „но не гледаме ниту силно закрепнување“.

Франциска Палмас, виш економист за Европа во Капитал економикс, рече: „Очекуваме дополнителна слабост од тука“.

Најновиот економски развој се одвива во услови на висока инфлација и високи каматни стапки низ целиот регион. Европската централна банка се очекува повторно да ги зголеми стапките на следниот состанок на 15 јуни. Централната банка ги подигна своите стапки за 375 базични поени од јули.

Гувернерот на германската централна банка, Јоаким Нагел, изјави претходно оваа недела дека ЕЦБ има уште „неколку“ зголемувања на стапките. Тој е еден од најтврдите членови на централната банка.

„Повисоките каматни стапки ќе продолжат да тежат и на потрошувачката и на инвестициите, а извозот, исто така, може да страда поради економската слабост на другите развиени пазари. Нашата прогноза е за натамошни контракции во третиот и четириот квартал“, додаде Палмас од Капитал економикс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.