Германија води разузнавачка истрага за инцидентите на гасоводите Северен тек

Германската федерална полиција и воената морнарица започнаа разузнавачки и набљудувачки активноста за расветлување на причините кои довеле до детонации и истекувањето на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 во Балтичкото Море, објави во неделата порталот Tagesschau повикувајќи се на писмо до германското Министерство за одбрана до парламентарната комисија за одбрана на Бундестагот, кое било на увид на јавните радиодифузери WDR и NDR.

Во документот се тврди дека шефот на германската федерална полиција Дитер Роман минатата седмица поднел барање за пружање административна помош „за соработка во добивањето ситуациски извештај за штетите на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2“ . Бундесверот дал одобрување откако ги процениле можностите на морнарицата и го разгледале прашањето од правен аспект, се наведува во текстот на портало.

„Германската федерална полиција, со помош на нуркачи и специјални технологии ги истражува експлозиите на гасоводите Северен тек. Два брода на Бундесверот се во Балтичкото Море за разузнавачка операција“, пишува Tagesschau.

Се прецизира дека станува збор за миноловецот „Dillingen“ и повеќенаменскиот брод „Mittelgrund“, кои испловиле од поморските бази во градовите Кил и Екернферде. Стручњаците имаат задача да направат снимки на оштетувањата на цевководите во близина на данскиот остров Борнхолм.

Порталот повикувајќи се на германскиот министер за правда Марко Бушман, исто така, пишува дека Сојузното обвинителство ја проучува потребата од отворање истрага за кривично дело, бидејќи може да станува збор за саботажа со последици за Германија.

Сомнежите за саботажа на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 во шведските и данските води на Балтичкото Море се засилија во четвртокот откако шведската безбедносна полициска агенција SAPO го заврши увидот на местото на инцидентот и во соопштение за медиумите извести дека експлозии предизвикале значителна штета на цевководите. Шведската безбедносна агенција ја води прелиминарната истрага за инцидентот со истекувањето на гас од двата руски гасовода по дното на Балтикот со кој енергенсот се транспортира од Русија до Германија и Европа. По извршениот увид од Управата за национална безбедност, обвинителот ја отстрани претходно воспоставената забранета зона.

Русија, за чијашто инвестиција во севкупен износ од околу 20 милијарди евра, отвори постапка за чин на меѓународен тероризам поради истекувањето откриено на 26-ти септември на четири локации истовремено, право што според меѓународните стандарди ѝ припаѓа. Но данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод, одлучно ја отфрли можноста на официјален Копенхаген за учество на Русија во истрагата за саботажата и утврдување на одговорните.

Од првите часови по полноќ кон 26-ти септември беа објавени четири истекувања, две во данските и две во шведските територијални води, откриени на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, со кои гасот од Русија се испорачуваше во Германија, односно на пазарот во Европа. Сеизмолошките заводи на Шведска и Данска измериле потреси со магнитуди од 2,3 и 2,1 степени по Рихтер, оценувајќи дека „веројатно одговара на експлозивен набој од неколку стотина километри тротил“.

Ноќта кон саботата агенцијата Reuters објави дека разузнавачки авион на американската морнарица прелетал над Балтичкото Море во близина на местото на инцидентот со руските гасоводи Северен тек 1 и 2, само неколку часа по истекувањето на гасот. Разузнавачки авион на американската морнарица, кој Вашингтон го опиша како рутински лет, прелетал во близина на местото на оштетувањето на Северен тек 2 во Балтичкото Море неколку часа по појавата на првото истекување на гасот.

На крајот од минатиот месец беше објавено дека од 1-ви до 3-ти септември, хеликоптер на американската воена морнарица кружел околу данскиот остров Борнхолм, каде што подоцна е воочено истекувањето од цевководите. Покрај тоа, американски летала прелетале над гасоводите на 10-ти и 19-ти септември, и ноќта од 22-ри на 23-ти септември и ноќта од 25-ти кон 26-ти септември. Во сите случаи траекториите на американските воени летала упатуваат дека станува збор за извидувачки летови или прелети над конкретниот дел од акваториумот. Во медиумите беше наведено дека патеките на хеликоптерите кои извеле ноќен прелет на 23-ти и на 26-ти септември имале „збунувачки патеки“.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.