Германија ги запре испораките на оружје за Саудиска Арабија

Германската влада поради случајот со убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул на 2-ри октомври, за коешто според сомневањата налогодавачите се во врвот на власта во Саудиска Арабија, на неодредено време ги запре натамошните испораки на оружје за оваа земја, соопшти германското министерство за економија во понеделникот.

„Во моментов нема извоз на оружје во Саудиска Аабија, а запрени се и дозволите за извоз во оваа земја“, изјави портпаролот на германското министерство за економија и енергија.

Германската канцеларка Ангела Меркел уште во октомври се изјасни против натамошниот извоз на оружје во Саудиска Арабија. Тогаш во телефонскиот разговор со саудискиот крал Салман „најостро го осуди“ убиството на Џамал Кашоги, и истовремено најави дека повторните испораки на оружје ќе се случат дури откако ќе се расветли убиството на овој дисидентски новинар кој од 2017 година живееше во егзил во САД.

Германија, исто така, денеска забрани влез во земјата за 18 државјани на Саудиска Арабија, кои се поврзуваат со свирепото убиство.

Германската влада се наоѓа под критиките на опозицијата поради извозот на оружје во Саудиска Арабија, и покрај вмешаноста на оваа земја во судирите во соседен Јемен.

Само во првите девет месеци од 2018 година, Германија во Саудиска Арабија извезла оружје во вредност од 461 милиона евра, со што оваа земја се наоѓа на второто место по Алжир, кога станува збор за извозот на германското оружје.