Германија има потреба од 260 илјади работници годишно

Германија има потреба од 260 000 мигранти годишно поради недостиг на работна сила. Ова го покажува истражување, цитирано од „Дојче Веле”.

Истражувањето утврдило дека работната рака од граѓани од ЕУ нема да ги покрие потребите на германската економија. За да се пополни дупката, Берлин ќе има потреба од 146 000 работници годишно од држави надвор од Заедницата.

Најголемата економија во Европа ќе има потреба од најмалку 260 000 нови мигранти годишно до 2060 година, за да се надминат проблемите со недостигот на работна сила предизвикан од демографскиот пад, се покажува во истражувањето објавено од Фондација „Бертелсман” .

Се очекува работоспособното население во Германија да се намали за третина или околу 16 милиони луѓе до 2060 година. Во отсуство на миграциите недостигот на работна сила може да е катастрофален за четвртата најголема економија во светот.

Официјалните податоци покажуваат дека само 38 000 работници пристигнале во Германија во 2017 година. Анкетата е изработена од страна на Институтот за истражување на пазарот на трудот и Универзитетот во Кобург.