Германија: Нагло зголемен бројот на азилобаратели од Турција

Германската федерална канцеларија за миграција и бегалци, соопшти денеска дека бројот на баратели за азил од Турција нагло се зголеми во првите шест месеци оваа година во споредба со минатата година, пренесува МИА, повикувајќи се на Танјуг.

Во соопштението се наведува дека 1.719 луѓе од Турција поднеле барање за азил од јануари до јуни оваа година, додека приближно толку турски баратели на азил регистрирани во текот на цела 2015 година, кога 1.767 побарале азил во Германија.

Канцеларијата ги потврди наводите на германскиот весник „Тагешпигел“, кој објави дека голем број баратели на азил припаѓаат на курдското малцинство кое живее на југоисточниот дел на Турција.

Судирите меѓу Курдската работничка партија и турските безбедносни сили продолжија пред една година откако кревкиот мировен процес пропадна, а обновениот конфликт доведе до смрт на околу 600 припадници на безбедносните сили, повеќе од пет илјади курдски екстремисти и се уште неутврден број на цивили.