Германија нема да ја оствари целта за милион електрични возила до 2020-та

Германија нема да успее да ја оствари зацртаната цел за милион електрични возила на нејзините патишта до 2020 година, туку дури во 2022 година, поради високите цени на овие возила и недостигот и станици за нивно полнење, проценуваат советници на германската влада.

Советодавната група NPE објави во извештајот за спроведување на споменатиот план дека зацртаниот број електрични возила ќе се успее да се достигне дури во 2022 година. На почетокот од оваа 2018 година на германските патишта имало само 98.820 возила на електричен или хибриден погон. Оваа група ја следи ситуацијата на пазарот на електричните возила од 2010 година, кога предложи цел за милион електрични автомобили до 2020 година која ја усвои германската влада.

Од NPA истакнуваат дека постојат повеќе причини за тоа, вклучително и високата цена на електричните возила во однос на автомобилите на класичен погон и во минатото помалиот број достапни модели. Недостига и инфраструктура, потребни се повеќе станици за полнење на електричните возила.

Објавата од Берлин не изненадува и германската канцеларка Ангела Меркел уште минатата година призна дека не е веројатно дека ќе биде остварена споменатата цел. Канцеларката, сепак, е оптимист. „Напредуваме, Успеавме да воспоставиме масовен пазар, а сега тоа треба да го пропшириме“, рече Меркел во средата.