Германија одбива да учествува во мисијата на САД во Ормутскиот теснец

Германија одбива да учествува во воената мисија во Персискиот залив под водство на САД, но истовремено најавува поддршка на евентуалната мисија на Европската унија во Ормутскиот теснец во тесна соработка со Франција и Велика Британија, соопшти германската влада во средата.

„Германската влада е скептична во вроска со конкретниот предлог на САД и затоа ниту понуди конкретно учество во мисијата“, рече во средата на редовната прес-конференција заменичката на главниот портпарол на германската влада, Улрике Демер.

Како причина Демер ги наведе „резликите во севкупната политика на Германија кон Иран во споредба со политиката на САД кон Иран“. Појасни дека за германската влада е важно „и натаму да го следи патот на дипломатијата“ чијашто цел е деескалација и зачувување на нуклеарниот договор кој Техеран го потпиша во 2015 година со шесте светски сили од кој САД еднострано се повлекоа во мај 2018 година.

„Учеството во мисијата под водство на САД би можело да ги отежне постигнувањето на оваа цел“, рече Дамер и истакна дека Германија и натаму ја поддржува конкретната цел овозможување слободна поморска пловидна во Ормутскиот теснец.

САД последните денови на европските партнери им го претставија својот концепт за осигурување на слободната пловидба во Персискиот залив и до партнерите бараа изјаснување за евентуален придонес во оваа операција.

Германската влада, како што истакна Демер, истовремено се наоѓа во „постојана размена“ со другите европски партнери, особено со Франција и со Велика Британија, околу евентуална европска мисија со цел да се обезбеди слободно пловење низ Ормутскиот теснец.

„Германската влада го поддржува предлогот за покренување поморска заштитна мисија на европските земји“, рече Демер.

Претходно во разговорот за јавниот сервис ZDF и потпретседателот на германската влада Олаф Шолц изрази скепса во врска со евентуалното учество на неговата земја во воената мисија која би ја воделе САД.

„Идејата за воена мисија за заштита на сообраќајот во Ормутскиот теснец е преуранета“, рече Шолц.

Односите меѓу САД и Германија се влошија последните години, а еден од најголемите проблеми е и со години наназад постојаното префрлање на Вашингтон на сметка на Берлин дека премалку уплатува за колективната одбрана на НАТО.