Германија полуфиналист благодарение на Ноер и Хумелс

Минимална, но злато вредна победа во 1/4 финалниот дуел против одличната селекција на Франција, забележаа репрезентативците на Германија кои за противник во полуфиналната рунда ќе го имаат домаќинот на најважниот спортски настан во 2014 година, националниот тим на Бразил.

Единствениот погодок на натпреварот, постигнат во 13 минута, беше дело на централниот дефанзивец, Матс Хумелс, а освен фудбалерот на Борусија од Дортмунд, најзаслужен за пласманот во следната рунда е репрезентативниот голман на Германија, Мануел Ноер кој спаси неколку чисти погодоци.

„Загубивме, можеби заслужено, а можеби и не. Имавме свои шанси, можеби седум – осум шутеви кон голот на Германците. Одлични шанси имаше Бензема, но Мануел Нојер е најдобриот светски голман и видовте на каков начин ги спречи неговите удари. Мислам дека пресуди првиот гол на Хумелс, го примивме од прекин на играта, практично од првиот шут кон нашиот гол. Потоа беше тешко да се вратиме во игра, иако се обидовме, и навистина создадовме неколку добри можности за израмнување. Но, Нојер беше одличен, а Германија е многу искусна селекција. Разочарани сме поради елиминацијата, но и горди сме на нашите настапи на Светското првенство“, изјави по натпреварот селекторот на Франција, Дидиер Дешамп.