Германија поразена во Берлин од Бразил

Во најинтересниот пријателски фудбалски натпревар одигран во вторникот и реприза од полуфиналето на минатото Светско првенство во Бразил, тогашниот домаќин на мундијалот во Берлин со 1:0 беше подобар од Германија.

Ова беше првиот меч по фамозното германско демолирање на Бразил во Бело Хоризонте со 7:1, а оваа победа на Бразилците барем малку им ги залекува фудбалските рани. Во 37 минута напаѓачот на Манчестер Сити, Габриел Жезус со голема доза на срежа го постигна единствениот погодок на мечот. Актуелниот светски прваци Германците дуелот го започнаа без седум играчи кои пред неколку дена одиграа 1:1 со Шпанија, додека Бразил настапи во најсилниот состав, се разбира без повредениот Нејмар.

Швајцарците во Луцерн со дури 6:0 ја декласираа Панама, а головите ги постигнаа Џемаили во 23, Џака во 31 од пенал, Еболо во 33, Цубер во 39, Гаврановиќ во 49 и Фреи во 69 минута.

Супериорните Белгијци се задоволија само со 4:0 против Саудиска Арабија. Стрелци беа Ромелу Лукаку во 13 и 39 минута, Миши Батшуаји во 77 и Кевин де Брујне во 80 минута.

Во еден од највозбудливите мечеви во вторникот Полска со 3:2 ја победи Јужна Кореја. Полјаците до 85 минута имаа водство од 2:0 благодарејќи на головите што ги постигнаа Роберт Левандовски во 32 и Калим Гросицки во 45 минута, но Корејците за две минути го израмнија резултатот преки Чанг-Мин Ли во 85 и Хи-Чан Хванг во 87 минута. Меѓутоа, во втората минута од судиското продолжение Пјотр Зиелински им ја донесе победата на Полјаците.

Црна Гора и Турција во Подгорица одиграа без победник 2:2, иако гостите има водство од 2:0, со головите на Ундер во 11 и Јокуслу во 27 минута. Црногорците го избегнаа поразот благодарејќи на Иваниќ кој беше прецизен во 42 и Мугоша кој реализираше во 87 минута.

Без голови вечерва одиграа Данска и Чиле во Копенхаген, како и Сенегал и БиХ во Авр. Тунис во Ница со голот на Вахби Казри во 36 минута беше подобар од Костарика, додека Египет во Цирих загуби од Грција со голот на Никос Карелис во 36 минута. Словенија во Стожице неочекувано беше совладана од Белорусија со головите на Скавиш во 36 и Сарока во четвртата минута од судиското продолжение. Шведска со истиот резултат беше поразена на гостувањето кај Романија, а стрелец беше Дорин Ротариу во 57 минута.