Германија ѝ предаде на БиХ осуден финансиер на исламистички терористи

Германските власти го протераа во Босна и Херцеговина државјанинот на оваа земја Изудин Јакуповиќ, кој во Германија бил осуден на три години затвор поради поврзаност со тероризам, потврди во вторникот Државната агенција за истраги и заштита на БиХ (SIPA).

Триесет и шестгодишниот Изудин Јакуповиќ, по потекло од Тузла, по доаѓањето во земјата ќе биде сослушан и потоа пуштен на слобода, бидејќи засега не постојат причини да му биде одреден притвор, рекол портпаролот на SIPA, Лука Миладиновиќ. Притоа не прецизирал дали ќе биде под мерки за надѕор.

На Јакуповиќ, покрај мерката за депортација по отслужување на две третини од затворската казна, му е изречена и забрана за влез во Германија. Во оваа земја е осуден бидејќи е утврдено дека под изговорот дека собира хуманитарна помош, набавувал пари и возила кои биле испорачани на терористичката групација Џунуд ал-Шам (Војници на Сирија).

Јакуповиќ претходно студирал на катарскиот универзитет Ал-Азар. Со години живеел во Германија, во Штутгарт, каде што станал проповедник на радикалниот ислам, и во џамиите собирал пари под изговорт дека тоа е хуманитарна помош за сирискиот народ.